Претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во интервју за албанската телевизија „Еуроњуз Албанија“, зборуваше за новата териториална реформа во Албанија и барањата на Македоците за формирање на општините Гора и Голо Брдо.
Меѓу другото, Стерјовски рече дека македонската заедница го поздравила формирањето на специјалната собраниска комисија за новата територијална реформа и дека се надеваат дека ќе се прифатат нивните барања за создавање на две нови општини на македонското малцинство во областа Гора во округот на Кукс и областа на Голо Брдо во округот на Пешкупија.
„Ние како македонска заедница го поддржуваме и го поздравуваме создавањето на специјалната парламентарна комисија за територијална реформа во Албанија и се надеваме дека со завршување на работите оваа комисија ќе ги реши и нашите рани барања кои освен општина Пустец, населена 100% од македонската заедница, да се создаваат две нови општини на македонската заедница, во областа Гора во округот на Кукс и во областа Голо Брдо во областа Пешкупија.
Постојат сите услови да се создадат овие две нови општини на македонската заедница, бидејќи се компактни области населени со македонско население. Тука живее автохтоно македонско население“, нагласи тој.
Во областите Гора и Голо Брдо, традиционално живее автохтоно македонско население. Овие области имаат територијален континуитет со Република Македонија, имаат заеднички јазик, традиции и обичаи со македонската нација. Преспа, Гора и Голо Брдо, се погранични области со Република Македонија и ние имаме роднини од другата страна на границата и имаме исти обичаи со нив. Се работи за автохтоно македонско население.
Ние како партија Македонска алијанса за европска интеграција која го претставувавме македонското малцинство во Албанија, во 2014 година изразивме мислење дека, покрај општина Пустец, треба да се создадат две нови општини во областа Гора и Голо Брдо. Но тогаш немаше политичка волја, тогашното владеачко мнозинство не ги зема предвид овие барања и беше оставена само општина Пустец затоа што овде бевме признати како македонска заедница од 1945 година. Што се однесува до областите Гора и Голо Брдо, во 2014 година предупредивме дека оваа реформа нема да им служи на македонската заедница бидејќи укинувањето на општини во областите Гора и Голо Брдо и спојувањето со поголеми општини нема да придонесе за економски развој и заштита на јазикот, културата и традициите на македонската заедница.
За жал, во овие години, се потврдија сите тие грижи што ги имавме. Но реалноста е дека овие области се запоставени и не се застапени. Денеска од областите Гора и Голо Брдо немаме ниту еден советник во Советите на општините Булќиза и Кукс. Исто така, се бројат на прсти лицата вработени од областите Гора и Голо Брдо во соодветните општини Кукс и Булќиза. Сите инвестиции се насочени кон урбаните центри како Булќиза и Кукс, додека областите Гора и Голо Брдо се запоставени како од локалната така и од централната власт. Затоа, мислиме дека со создавањето на овие две општини, овие општини ќе можат да се справат со нивните проблеми и да побараат од Владата повеќе средства за развој на овие области, кои за волја на вистината се меѓу најсиромашните области во Република Албанија каде се чувствува недостаток на патна инфраструктура, струја, вода за пиење, канализација. Значи од сите страни овие области се запоставени.
Претавниците на македонската заедница бевме поканети пред специјалната парламентарната комисија каде ги образложивме нашите барања. Бевме пречекани многу добро. Немавме замерка на нашите излагања од ниту еден член од комисијата од двете политички партии и на прв поглед се чини дека постои политичка волја да се поддржат овие наши барања затоа што на крајот оваа реформа треба да им служи на граѓаните да имаат што подобри и поблиски услуга бидејќи е апсурд, на пример, жителите од административната единица Требиште, област Голо Брдо, кои, поради недостиг на асфалтни патишта, мораат да минат преку двата гранични премина со Македонија, за да стигнат до Булќиза за одредена услуга. Идентична е состојбата и со жителите на Борје, област Гора, кои минуваат преку два премина со Косово, за да стигнат во Кукс.
Оставањето на општина Пустец, во областа Преспа во 2014 година, посебна општина беше позитивно. Во овие години има поголемо внимание на власта за ова област. Сега почнаа да се чувствуваат сите оние инвестиции што недостасуваа во изминатите 30 години. При крај е реконструкцијата на водоводот во општина Пустец вреден близу 5 милиони евра, во тек е реконструкцијата на електричната линија во општината, додека Собранието лани одобри фонд од 10 милиони евра за поддршка на туризмот во преспанскиот крај кој што треба наскоро да почни да се инвестира. Наше барање е општина Пустец да биде именувана во општина Преспа, бидејќи Пустец е едно од 9-те села на Општината, додека името Преспа е порепрезентативно за сите нас. Тука е Преспанското Езеро, Националниот парк Преспа, кој во 90% од територијата се совпаѓа со територијата на општина Пустец.
Се надеваме дека со оваа територијална реформа главните политички сили ќе го поддржат барањето на македонската заедница освен општина Пустец за создавање на општините Гора и Голо Брдо. Сметам дека сега се созреани условите за содавање на уште две општини на македонската заедница. Сега и општеството е по зрело. Отворени се и преговорите за членство на Албанија во ЕУ и се надевам дека многу брзо и ќе станеме членка на Европската Унија. Албанија мора да ги исполни сите обврски што ги има кон малцинствата затоа што почитувањето на правата на малцинствата е еден од условите за членство во ЕУ-изјави Стерјовски за албанската телевизија „Еуроњуз Албанија“.
©Македониум