Македонците од Албанија го одбележаа патронот на манастирот Света Марена во Туминец, областа Мала Преспа

Во селото Туминец, Мала Преспа, на 30 јули 2022 година се одбележа патронот на манастирот Света Марена, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно и каде и да се иселени тие за овој празник се тука.

По повод празникот посветен на Света великомаченица Марина – Марена – Огнена Марија, како и изминатите години, одбележувањето почна на 29-ти јули 2022 година кога во дворот на манастирот до доцна во ноќта се виеше македонско оро и се пееја македонски песни.

По богослужбата што ја одржаа свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири и двајцата Македонци од Мала Преспа, верниците продолжија со одбележувањето.

И оваа година на манастирската слава дојдоа голем број Македонци од Албанија и Македонија.

Од негово и од име на Македонска алијанса за европска интеграција празникот го честиташе партискиот лидер Васил Стерјовски.

Честит и вековит да ни е денешниот ден посветен на Света Марена, да ни е на помош и да ни дарува здравје, многу радост, среќа, благосостојба, стои во кусата честитка.

Инаку, селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење – Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.

Овој преубав манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност.

©Македониум