Во рамки на посетата на Корча, македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски ја посети и префектурата на овој, еден од 12-те окрузи во оваа земја.
Во неговиот кабинет оствари средба со префектот Нертил Јоле, на која присуствувал и Васил Стерјовски, претседател на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
– На средбата разменивме мислења околу можностите за унапредување на меѓурегионалната соработка меѓу Македонија и Албанија во области како што се: економија, земјоделство, социјалната и здравствената заштита, туризамот и културата, објави префектот а пренесува електронското издание на весникот „Македониум”.
Се додава дека соработката е од посебно значење за регионoт Корча каде живее многубројна македонска заедница, како и во општина Пустец, која е мост на пријателство и соработка со Македонија.
©Македониум