Гласот на Спасе Мазенковски

Најголемата придобивка на еден историчар е тоа што може да биде гласот на оние кои се безгласни односно да проговори од името на оние кои се покојни. Таа привилегија нам, како на историчари нѝ ја даваат материјалите, документите и целата оставнина која останува зад луѓето кои имале богат и плоден општествен живот, луѓе кои се вградиле во градбата наречена држава.

Еден од лицата кои се вградиле во македонската современа историја е Спасе Мазенковски. Благодарение на неговата ќерка Елеонора Мазенковска Стојан, јас имам чест да бидам неговиот глас кој ќе ви ги пренесе визиите и мечтите на Спасе Мазенковски.

Но, пред сè, се задржувам на основните, можеби сувопарни податоци за Спасе, а сепак многу важни за да знаеме за кого станува збор.

Спасе Мазенковски е роден на 2 септември 1953 година во селото Леска, Преспа во Албанија. Гимназија и средно економско училиште завршил во Горица и Либражд.

Спасе Мазенковски е еден од многуте Македонци во Албанија кои израснале и животот го посветиле на идеалот за Македонија и национално единство.

Уште во време на комунистичка диктаторска Албанија, Спасе не ги криеше своите идеали за слободна и независна Македонија и за унапредување на правата на Македонците во Албанија. Веднаш по рушењето на комунизмот во Албанија, во 1990 година беше иницијатор, основач и претседател на првата Организација за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа“ основано на 3. 4. 1991 година. Во 1994 година го основаше и беше уредник на првиот весник на македонски јазик во Албанија “Преспа“, а го наоѓаме и како основач на единствената македонска политичка партија во Албанија, „Македонска алијанса за европска интеграција“.

Како претседател на Друштвото на Македонците од Албанија, одржуваше одлични релации со организациите на Мекедонците во Грција и во Бугарија, а во 1995 година беше во посета на Македонците во Канада.

Уште во раните години од животот Спасе Мазенковски покажувал особен интерес за пишаниот збор, така што најголемиот дел од слободното време го поминуваше читајќи разноразна литература. Со тек на времето почна и самиот да твори, при што најголемата инспирација ја влечеше од родната Леска и преубавата Преспа. Творејќи на македонски и на албански јазик, тој стана член на Друштвото на писатели на Македонија и друштвото на писатели “Новиот свет“ во Албанија.

Спасе Мазенковски има објавено неколку поетски збирки, книги, раскази и репортажи на македонски јазик. Првото негово дело кое го виде светлото на денот е збирката поезија “Преспа моја“ во 1992, потоа следуваат “Разбојна китка”, “Торбулето на татко ми” – 2000 година, “Преспанска убавица” – 2009 година, репортажи анегдоти и хумор “Лабид и Преспана”- 2010 година, во 2016 година ја објави книгата басни “Р’ѓосани бисери” – која му беше особено драга.

Меѓу делата со кои особено се гордеел Спасе Мазенковски, а за кои и јас сметам дека се исклучително важни се наоѓаат две книги. Првата е “Македонскиот народ во Албанија” издадена во 2016 година од Друштвото за наука и уметност во Прилеп. Книгата има 149 страни, поделена во четири дела. Во првиот дел авторот пишува од кога и каде живее македонскиот народ во Албанија, за во вториот да пишува за подемите и падовите на македонскиот народ во Албанија. Имајќи предвид дека 1991 година за Македонците во Албанија била исклучително важна, Спасе во третиот дел пишува за тоа што после 1991 година, за книгата да ја заврши со делот наречен „Последните реченици – најтешката горчина“. А последните реченици во оваа книга гласат: „Е, по сето ова, вие таму во Скопје, Вие на Врвот на таа Држава за која сонувавме и се боревме и ние Македонците од Албанија, можете да сторите сè против нас, ама само против нас Македонците… Вие можете да донесете Закон и да нѝ забраните да гласаме во Македонија и за Македонија; можете да ги поставите повторно границите према нас и да не нѝ дозволувате да влегуваме во нашата земја; можете да се откажете целосно од нас, како и почнавте да се откажувате постепено, од некои убаво средени работи што беа до сега; можете сè, ама баш сè али, само против нас Македонците… Инаку, према Немакедонците, богами не можете…

Како и да е, сепак не можете да нѝ забраните да си ја сакаме и да си ја чуваме и развиваме Македонија и Македонштината, насекаде каде нè има…

Еден ден, како што истакнавме и погоре, сите Македонци ќе бидеме сплотени, ќе бидеме единствени како некогаш“.

Оваа книга завршува со кратка биографија за авторот.

Друга исклучително важна книга на Мазенковски излегува на албански јазик во 2017 година со наслов “Histori e shkurtër e popullit Maqedonas. Pjesë nga historia e Maqedonisë” (Кратка историја на македонскиот народ. Дел од македонската историја), која треба да послужи како добра подлога за запознавање на албанскиот читател со дел од македонската историја. Но оваа книга претставува и четиво за идните македонски генерации за да продолжат со афирмација на македонската култура и историја во албанското општество. Ваквата активност е потребна бидејќи, практично, може да се каже дека во Албанија воопшто немало пишано дело за македонската историја. Во оваа книга Мазенковски, многу накусо, го запознава читателот со најважните историски моменти за македонската држава од антика до совремие, но посебен дел посветува на проблемот со името на македонската држава, кое грчката држава го наметна врз македонскиот народ.

Спасе Мазенковски се упокои на 30 мај 2018 година во родната Леска и остави видлива празнина во македонската заедница во Албанија.

Покрај објавените трудови на Спасе Мазенковски, благодарение на неговата ќерка Елеонора Мазенковска Стојан во оставнина добивме и други книги во ракопис потпишани од великиот Спасе Мазенковски.

Претставувајќи ги овие ракописи ќе почнам со книгата насловена „МОРЕЕЕ-КОПИЛЕ (за смеење и за…)“. При прочитувањето на текстовите на читателот ќе му стане јасно зошто е избран токму тој наслов и дека трите точки после „за смеење и за…“ се исклучително показателни. Од оваа книга би ја одвоила песната:

„КРАЈ

И, како крај,

Џабе сум ја мател водата… Знај!

Не убедив, ама баш ниту еден

Да остане Македонец… Вреден…

На сите, на сите му било драго

Странец да ги дупи, да му биде благо…

Цел век, врзани со јаже да ги држи,

Над нивниот грб, тој ко коњ да ‘ржи.“

Втората книга носи наслов „РАСКАЗИ“ и во неа Мазенковски запишал раскази за најразлични состојби и теми. Овој труд е многу поразличен од другите, пред сè, затоа што авторот расказите ги раскажува во прво лице еднина со што се создава чувство небаре сака да проговори за немоќните да говорат од свое име, а во некои раскажува за виденото, чуеното, доживеаното.

Следните два труда се напишани за деца, едниот со наслов „РАЗНОБОЈНА КИТКА (за деца)“ и вториот „КРАТКИ-СЛАТКИ (за деца)“. Заедничко за овие трудови е тоа што се крајно едноставни, напати со воспитна компонента од дамни времиња, а со современа порака. Бидејќи двете книги се дополнуваат и со содржината и со намената, сметам дека овие дела на Мазенковски треба да се издадат во една книга, но и тоа дека таа книга треба да стане дел од задолжителната лектира во македонското образование.

Исклучителен труд, обемен и темелен се „НАРОДНИ ПОГОВОРКИ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ВО АЛБАНИЈА“. Во овој ракопис застапени се 2113 поговорки, подредени по азбучен ред. Нивното читање е едноставно бидејќи читателот може лесно да се снајде во добро подредените поговорки. Овој ракопис е исклучително важен за македонската традиција, за македонскиот дијалектолошки речник, но и за оние кои сакаат да се поучат од народната мудрост.

Во оставнината на Мазенковки се наоѓа и еден ракопис со наслов „НА ПЛАЖА МИ КАЖА (сатира)“ чиј текст е повеќе од горчлив. Видно е дека текстот е пишуван во моменти за голем набој, внатрешна борба на авторот со своите принципи и алчноста на неговите сожители, неможноста да се спаси достоинството од лакомштијата и лесната самопродаденост на оние кои „им ‘ржат“ оти „образот со лепешки им се сторил“.

Последните два ракописа „ПЕСНИ“ и „ПОЕЗИЈА“, иско имаат заеднички елементи, што според некои литерати овозможува да бидат испечатени во една книга, сепак не е така. Во „ПЕСНИ“ Мазенковски пишува песни на македонски јазик, пеани кои се поврзани со мотиви, ликови и природа од неговата Преспа.

Ракописот „ПОЕЗИЈА“ пак е текст кој авторот го пишува паралелно, на македонски и албански јазик. Она што во оваа пригода е упатно да го напишам, како „глас“ на Спасе Мазенковски е една негова „Забелешка“ од крајот на овој труд, а која гласи: „Оваа поезија напишана на македонско-албански јазик, со македонско-албански мотиви, е кулминација на мојата желба за поттикнување на братскиот соживот помеѓу македонскиот и албанскиот народ во Р. Македонија и Р. Албанија. Само така може да продолжи соживотот на овие два народа, на овие простори“.

Спасе Мазенковски нѝ кажал што треба да направиме, како да постапуваме, кој пат да го фатиме. Нам нѝ останува да размислиме дали ќе ги прифатиме неговите пораки и нема да дозволиме некои крастави коњи над глава да нѝ ‘ржат, или главите ќе ги кренеме толку високо што никој не ќе може да ги надвиси.
Искрено посакувам секој негов труд да ја види светлината на денот, бидејќи секој ракопис има своја вредност и своја порака.

Вечен му спомен и благодарност на големиот Спасе Мазенковски.

Проф. д-р Катерина Тодороска

Излагање на проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот за национална историја од Скопје на 24.05.2022 година на меѓународната научна манифестација посветена на семакедонските и сесловенските просветители браќата “Св.Кирил и Методиј” во Глобочени, Општина Пустец, организирана од Македонското друштво “Сонце”.

©Македониум