Во Глобочени, Преспа отворен музеј посветен на писателот Стерјо Спасе

Во селото Глобочани, општина Пустец, беше пуштен во употреба музејот на Стерјо Спасе, познат албански писател со македонско потекло, родум од ова преспанско село. Во музејот се поставени оригинални ракописи на писателот, но и традиционални предмети од областа на Преспа.

На свеченоста присуствуваа македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, синот и ќерката на Стерјо, Илинден и Марјана Спасе, префектот на Округот Корча, Дори Спиролари, претседателката на Советот на Округот Корча, Ана Веруши, градоначалникот на општина Пустец, Пали Колевски, претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, директорот на гимназијата во Пустец, Трајан Ванѓеловски, преставничката на македонската заедница при Комитетот за националните малцинства, Марјана Костофски, жители од општина Пустец како и гости од Република Македонија.

Музејот на Стерјо Спасе е дел од проектите Smart_Cul_Tour, кофинансирани од ЕУ во рамки на вториот повик од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија, 2014-2020 година.

Проектот беше спроведен од пет партнери од двете соседни земји и тоа општина Битола – водечки партнер, како и општина Пустец, НУ „Завод и музеј“ – Битола, Управата за заштита на културното наследство – Корча и младинскиот културен центар – Битола, партнери.

Стерјо Спасе, роден е во село Глобочени, Мала Преспа во 1914 а починал во Тирана, 1989 годна. Тој е познат писател со македонско потекло и е еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа. Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот СССР. Автор е на петнаесеттина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?“,кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село. И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на Друштвото на писателите на Република Македонија. Синот на Илинден, Аријан Спасе е дипломат од кариера.

© Македониум

https://www.youtube.com/watch?v=jckmlw4hsLA