Македонците во Албанија традиционално го одбележаа христијанскиот празник Св. Василиј, Василица со кој се најавува почетокот на новата година според јулијанскиот календар.
Македонците во Мала Преспа, Голо Брдо и Врбник во духот на македонските обичаи и традиција ја прославија стара Нова година на 13 и 14-ти јануари, која се совпаѓа со празникот Св. Василиј Велики, кој кај Македонците во Албанија е познат како Василица или Сурова.
Се палеа Василичарски огнови, се печеа колбаси, месо, се пиеше вино и топла ракија и се пееја песни.
Пеејќи ги песните за Василица или Сурова децата маскирани и правејки врева со звонци, тенџериња како и музички инструменти одеа по куќите каде се даруваа со подароци.
За Василица, Македонците во Албанија традиционално прават погача со паричка, и се крши погачата меѓу домашните. За оној на кого ќе му се падне паричката се верува дека ќе има среќа и бериќет целата година.
Во селото Леска, во општина Пустец, во чест на празникот “Св.Василиј Велики”, свечена литургија одржаа свештениците Алексо Tемелко и Ропи Арѓири.
©Македониум