ПОМЕН И СПОМЕН ЗА НАЗИФ ДОКЛЕ, БОРЕЦ ЗА ПРАВАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА

На 30 декември 2014 година во Кукс, Албанија почина Назиф Докле, основач и прв претседател на етно-културното друштво на Македонците “ГОРА” во 1991 година и собирач на фолклор од областа Гора. Денес се навршуваат седум години од поменот и споменот за неговиот живот и дело.


Назиф Докле

Роден е на 15 јануари 1945 година во с.Борје, областа на Гора, Албанија. Завршил ликовна уметност во Тирана, отсек склуптура, потоа завршува Висока педагошка школа во Скадар, специјалност албански јазик и литература.

Назиф Докле, долги години работел како учител, главен инспектор за образование во округот на Кукс и директор на музејот во Кукс, а се занимавал и со сценографија и бил режисер на повеќе документарни филмови. Бил член на Друштвото на писателите и уметниците на Албанија од 1975 година.

Истражувачката активност на Назиф Докле вклучува повеќе материјали од областа на историјата, лингвистиката и етнографијата. Објавил над 35 книги, 130 текстови во весници, како и научни и културни списанија во Албанија и други држави. Најпознати негови трудови се речникот “горански-албански” со над 43.000 зборови, “За Гора и Гораните”, “Муке Миле”, “Севни бре ашик, севни бре душо”, “Горански народни песни”, “Богомилизмот и етногенезата на торбешите од Гора во Кукс” и други. Назиф Докле е автор на повеќе уметнички изложби. Бил организатор на повеќе фестивали во Кукс каде е претставен богатиот фолклор на областа Гора.

Нека почива во мир и вечна му слава, траен помен и спомен на името и делото на Назиф Докле.

© Македониум