По повод 29 ноември Денот на ослободувањето на Албанија, од наци-фашистичките окупатори, оддадена беше почит на паднатите борци од Пустец во Втората светска војна, Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиофски.
На споменикот, кој се наоѓа пред зградата на локалната самоуправа, букети со свежо цвеќе положија градоначалникот Пали Колефски, лидерот на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, директорот на средното и основно училиште ”Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиофски” во Пустец, Трајан Ванѓеловски и роднини на борците, по што ученици одржаа и куса програма.
Оддаваме достојна почит на паметникот на нашите херои, Митре Колефски, Трајан Ѓорѓиефски и многу други кои ги жртвуваа своите животи за слобода на Албанија. Слава им. Честит 29-ти ноември, рече меѓу другото градоначалникот Колефски.
Во своето обраќање Стерјовски, рече дека Македонците во Албанија се придружија на албанските партизани во антифашистичката народно-ослободителна војна, беа дел од антифашистичката коалиција во Втората светска војни и помогнаа во ослободувањето на Албанија од наци-фашизмот.
Горди сме како Македонци што Македонците во Втората светска војна, го искористија историскиот момент и се вклучија во антифашистичката народно-ослободителна војна на Албанија и заедно со албанските партизани го поразија фашизмот во Албанија. Врз основа на пожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката војна во Албанија во Втората cветска војна, уште 1945 година Македонците беа признаени како национално малцинство во Мала Преспа и селото Врбник во Деволската област во округот Корча и во областа Голо Брдо во округот Дебар, рече тој.
Додаде дека македонскиот и албанскиот народ во Втората светска војна со заедничка борба за ослободување од наци-фашистичките окупатори, се здружија со најпрогресивните сили во тоа време и на вистинската страна на историјата.
Дел од Македонците во Албанија се придружија на македонските партизани и се бореа за ослободувањето на Македонија од бугарскиот и италијанскиот фашистички окупатор подоцна и од германскиот нацистички окупатор, додека друг дел се придружија на албанските партизани и се бореа за ослободување на Албанија од наци-фашистичкиот италијански и германски окупатор.
Паднатите борци од Прeспa во Втората Светска Војна, Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиовски како и многуте други се симбол на борбата на македонскиот и албанскиот народ за ослободување на Македонија и Албанија од наци-фашистичките окупатори, нагласи Стерјовски.
Митре Колефски, рече тој, се придружил на албанските партизани и загинува 1944 година во борба со германскиот окупатор во селото Рајца, кај Прењас. Истата година и Трајан Ѓорѓиофски животот го положува на браникот на слободата во Македонија, во борба со бугарскиот фашистички окупатор.
Ни останува нам, новата генерација Македонци во Република Албанија, да се бориме за унапредување на нашите права, слободи и економски развој во областите каде што живееме и очекуваме од нашата држава Албанија ова да го поддржи. Вечна слава на паднатите борци за слобода! Вечна слава на паднатите борци од Преспа, Гора и Голо Брдо во антифашистичката народноослободителна војна, го заврши своето обраќање Стерјовски.