Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), во албанскиот парламент, Васил Стерјовски ја донираше ноемврската плата за настраданите од катастрофалниот земјотрес, што Албанија ја погоди утрото на 26 ноември.
– Тоа е најмалку што можам да сторам за настраданите мои сограѓани.Заедно со градоначалникот на Пустец Пали Колефски инициравме собирање хуманитарна помош, во средства и пари и навистина сум благодарен на Македонците од општина Пустец, како и оние од Голо Брдо за покажаната солидарност и хуманост, изјави Стерјовски за МИА.
Тој од свое име и од име на МАЕИ, чиј лидер е, како и сите Македонци во Албанија, искажува искрено и длабоко сочувство до семејствата на починатите, а на повредените им посакува што побрзо закрепнување.
Mакедонска алијанса за европска интеграција од седницата на Централниот комитет одржана во Подградец, на која беа избрани четворица потпретседатели и генерален секретар, упати апел до сите Македонци во Албанија да продолжат со солидарноста и поддршка со настраданите во катастрофалниот земјотрес.
Македонците од Пустец и Голо Брдо масовно се одѕваа во собирањето хуманитарна помош за настраданите, во прехрамбени арткли, вода, средства за одржување на хигена, ќебиња, како и финансиски средства.