Лидерот на единствената партија на Македоците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, побара загарантирани места за припадниците на малцинствата во Собранието на Република Албанија.
Ова тој го побара на тркалезната маса организирана од мисијата на ОБСЕ во Тирана посветена на изборната реформа на тема “Негирани од страна на системот: Воспоставување на сеопфатен систем за заштита на демократијата”, на која учествуваа пратеници од албанското Собрание, преставници на политичките партии и цивилниот сектор.
Во моето излагање, во името на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција истакнав дека ако има некој кој е негиран од страна на системот тоа се малцинствата во Албанија. Освен грчкото малцинство кое традиционално е застапувано во албанското Собрание другите малцинства: македонското, влашкото, ромското, бошњачкото, египќанското, српското и црногорското малцинство се политички незастапени во албанското Собрание во изминатите 30 години, вели Стерјовски. Посочува дека е време малцинствата во Албанија да имаат загарантирани места во албанскиот законодавен дом, по примерот на многу држави во Европа, кои имаат загаранирани места во нивните парламенти за националните малцинства.
Верувам дека ќе се најде политичка волја но и со помош на нашите стратешки партнери САД и Европската Унија со новата изборна реформа, малцинствата во Албанија да имаат загарантирани места во албанското Собрание,нагласува Стерјовски. Според него една од зацртаните активности на МАЕИ е партијата да биде застапена со свој пратеник во албанското собрание. (Македониум)
– dhjetor 3, 2019Postuar në: Shqipëria