Борис Мале за Македонците што живеат во Албанија, поточно во Мала Преспа, ќе остане запаметен како учител што уште во 1934 година го отворил првото училиште на македонски јазик во Пустец.
Во чест на својот славен предок, роден брат на неговиот дедо по мајка, Штерјо Мале, неговиот внук Васил Шумка, го напиша романот „Македонскиот наставник, средба со сонцето“, со што, како што вели, на јавноста ѝ претстави уште една личност што со својата работа оставила траги во историјата на македонскиот народ.
Со голема благодарност и почит за напорната работа на учителот Борис Мале, во областа на образованието и културата, како негов внук по една година работа успеав да го извадам на виделина неговото дело преку романот „Македонскиот наставник, средба со сонцето“. Го одбрав токму овој наслов бидејќи сум убеден дека со својот ентузијазам и залагање Борис Мале им ја донесе сончевата светлина на Македонците во Албанија. Иако досега македонската јавност многу малку, речиси ништо не знаеше за него, со книгата што му ја посветив, убеден сум дека ќе го зачувам од заборав неговиот лик – вели Васил Шумка, кој живее во Корча, Албанија, и работи како преведувач од англиски на албански јазик.
Тој е и автор на десетина книги, а три од нив, меѓу кои е и „Македонскиот наставник, средба со сонцето“, се преведени на македонски. Васил соработува и со некои портали и локални весници во преспанскиот крај.
Но кој бил, всушност, Борис Мале? Иако бил човек со многу физички недостатоци и со здравствени проблеми, благодарение на својот силен дух, тој му пркосел на животот. Како учител, целиот работен век го посветил на едукацијата на младите поколенија, а со својот поетски талент го олеснувал чекорењето по трнливата животна патека.
Борис Мале е роден во селото Глобочани, општина Пустец, во 1908 година. На рана возраст тешко се разболува, добива треска и родителите го носат на лекар во градот Корча. Откако лекарите им велат дека не можат да го излекуваат, им препорачуваат веднаш да побараат помош во Солун. По патувањето, кое траело два дена, на солунските лекари им успева да го спасат животот на Борис, а по две недели неговата здравствена состојба се подобрува. Но како последица на болеста, Борис има многу физички недостатоци. Неговото семејство се сели во Пустец, каде што тој живее сѐ до смртта во 1977 година.
По Првата светска војна, регионот на Корча беше под владеење на Грција, како резултат на Лондонската конференција за дефинирање на границите на основаните држави по капитулацијата на Турската Империја во 1913 година. Во 1920 г. тука е отворено првото училиште на грчки јазик. Учители доаѓаа од Нивици, бидејќи зборуваат и македонски и грчки јазик. Но по реакциите за нерегуларната промена на државните граници, во 1925 година е одлучено овој регион да премине под владеење на Албанија. Така, наместо на грчки, во 1926 г. наставата се одвива на албански јазик. Така и Борис, по завршувањето на првите четири години, петто и шесто одделение завршува во Нивици (денес Псарадес), заедно со другар му Стерјо Спасе, а следната 1927 година образованието го продолжуваат во лицејот во Корча.
Во текот на школувањето Борис се подготвува за учителствување на македонски јазик, со помош на охриѓанецот Ристо, кој во тоа време ја врши функцијата аташе за култура во југословенскиот конзулат, во времето на владеењето на Ахмет Зогу. Според некои сведоштва, зградата на конзулатот се наоѓала кај местото Триаголник, во Корча. Во средношколските денови Борис постигнува голем успех со својот талент за пишување поезија и желбата за постојана надградба. Има голема поддршка од големиот број другари и пријатели, кои уживаат во неговото друштво. Но поради својот физички хендикеп Борис одбрал животот да го мине во Пустец, каде што сите го познавале.
По завршувањето на лицејот го назначуваат за учител, негов сон уште од младешките денови. Бидејќи имал желба да ги учи децата да пишуваат и на мајчиниот македонски јазик, тој набавува неколку буквари со помош на Ристо и, освен на албански почнува да ги учи децата и на македонски јазик. За тоа веднаш биле информирани во полициската команда, по што Борис го притвориле.
Страдаше во затвор еден поет, кој кога ги рецитираше своите песни се тресеше сѐ наоколу како да е земјотрес, само затоа што сакаше да предава на мајчин јазик. Не беа доволни маките што ги трпеше поради болеста, од која страдаше уште од дете, и здравјето од ден на ден му се влошуваше. Почна силно да кашла, ечеше затворската ќелија, а единствениот спас му беа сончевите зраци. Само во сонцето и неговата топлина бараше спас, па другарите почнаа така и да го нарекуваат. По две недели и многуте молби за негово пуштање, со помош и на реакциите од југословенскиот конзулат го ослободуваат од затворот. Борис излезе од занданите со уште една болест, астма, која го мачеше до крајот на животот. И покрај тоа, не се откажа од желбата да предава на македонски јазик – раскажува неговиот внук Васил Шумка во својата книга.
И навистина, тој со помош на пријателот Кочо Ташко, во учебната година 1934/1935 почнал да предава и на македонски јазик во Пустец. Инаку, Кочо ташко во тоа време има блиски релации со власта на Ахмет Зогу, првиот и единствен албански крал, кој владеел од 1928 до 1939 година. Од 1922 до 1924 г.бил премиер, а до 1928 г. претседател на државата.
Ташко имал неколку значајни функции; предавач на Вишата филозофска школа во Москва, личен секретар на Фан Ноли, конзул на Албанија во Њујорк, шеф на балканскиот одел МОПРР во Франција, амбасадор на Албанија во Москва и во Софија… Во 1960 година институциите на Енвер Хоџа го обвинуваат дека е руски агент, по што го затвораат. Ташко умира во затвор во 1984 година.
За време на Втората светска војна, Борис, заедно со пријателите-активисти во борбата против фашизмот, членува во првите антифашистички групи, кои со текот на времето прераснуваат во партизанска формација. Поради тоа бил заробен во италијанската караула во Стење, но еден од офицерите направил отстапка и набргу го ослободиле. По ослободувањето, Борис ги започнал своите активности за основање на првите училишта во сите села каде што живееле Македонци, соочувајќи се со големи проблеми, особено по разделувањето на некогашна Југославија од Варшавскиот пакт во 1949 година. Дотогаш, како одговорен за образованието, во регионот имало искрена помош и интерес од учителите, а редовно имало и достава на неопходните учебници од Македонија.
Мале, исто така, има голема заслуга и за зачувувањето на македонскиот фолклор во овој крај. Тој го пронаоѓа и заштитува нашето уникатно фолклорно богатства, разни песни, ора, носии…, кои се доказ за автентичноста и посебноста на македонскиот народ во овој крај. Преку создавањето фолклорни и културни групи, тој го насочува вниманието на институциите кон македонското малцинство во Албанија.
Македонците во Албанија имаа среќа што во тој период Борис сесрдно се залагаше и целиот свој живот го посвети на образованието на мајчин јазик на тамошното македонско население. За него училиштето беше семејството што го немаше, сонцето пријател, а книгата најголема љубов. Нема човек што го познавал да не се поклонува пред неговото дело. Неговите зборови беа посилни и од куршумот – вели со гордост внукот Васил.
Последните години од животот, поради болеста, Борис ги минал многу тешко. Поради астмата, дури во еден момент плукал и крв, а лековите веќе немале дејство. Пријателите го советувале да се лекува во болница, но тој не прифатил. Им велел дека за него нема лек, оти го изодел својот тежок животен пат. Неколку години по неговата смрт, во 1977 година во Пустец, Албанија, неговиот школски другар Стерјо Спасе интервенирал до Министерство за образование да му се додели на Борис Мале признанието „Заслужен учител“.
Без оглед на тоа што поминаа многу години од неговата смрт, името на учителот Борис Мале никогаш нема да се заборави. А тој, откако најпосле се сретна со сонцето, светлината ја остави меѓу својот македонски народ./www.novamakedonija.com.mk
– dhjetor 3, 2019Postuar në: Aktualitet