Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски на 30 мај 2019 година на пленарна седница на албанскиот законодавен дом, ја поздрави препораката на ЕК за безусловен почеток на преговорите на Албанија и Македонија со Европската унија.
Почитуван претседател на Собанието, Почитувани пратеници,
Република Албанија на 29 март оваа година го одбележа десетгодишниот јубилеј од членството во НАТО. Ја споделивме честа и гордоста од прелетот на авионите на НАТО над албанското небо. Нашата атлантска интеграција ги зајакна мирот и безбедностa во овој дел на Европа. Република Албанија презеде обврска да ги модернизира и реформира вооружените сили и веруваме дека тоа Владата го остварува. Тоа го очекуваат сите граѓани во државата, независно од нивното етничко потекло, верско уверување, политичка припадност и социјален статус. Останува уште сите заедно да го изодиме патот на европската интеграција, за пристапување на Република Албанија во сојуз со Европската Унија.
Партијата чиј генерален секретар сум јас, Македонска алијанса за европска интеграција, таа определба на Република Албанија јасно ја стави во идеологијата на нејзиното постоење и делување, и затоа во овој законодавен дом свечено изјавувам: Ќе ја продолжиме битката, Република Албанија да ја започне постапката за пристапните преговори, за на крај да го прославиме полноправното членство на нашата татковина во Европската Унија, како придобивка на секој поединечно и на сите заедно! Европската интеграција е заедничка определба на сите во Република Албанија: на Албанците, Грците, Македонците, Власите, Ромите, Еѓиптјаните, Србите, Црногорците и Бошњаците.
Почитувани пратеници, Минатата година Европската Унија ни’ даде условна препорака за отворање на пристапните преговори. Иста условна препорака доби и Република Македонија. Во јуни 2018 година, започна скрининг процесот, како прв чекор кон отворање на преговорите со Европската Унија, и во Албанија и во Македонија. За поздравување е препораката на Комесарот Јоханес Хан, дека и Албанија и Македонија оствариле напредок во спроведувањето на реформите и затоа барањето на Европската Комисија веднаш да отпочнат преговорите за членство. Одлуката на Европскиот Совет е важен и голем исчекор кон европската интеграција на Албанија и земјите од Западен Балкан воопшто. Не’ очекува амбициозна и сеопфатна работа, треба да се разгледаат сите области опфатени во 35 поглавја. Нужни се разговари меѓу Владата и опозицијата, посакувано е учеството на сите национални малцинства и на албанското општество во целина, како заедничка цел, која не’ засега сите. Се надеваме дека ќе се постигне договор со Грција за морската граница, и за почитувањето на правата на грчкото малцинство во Албанија што ќе ги забрза чекорите на Република Албанија кон Европската Унија.
Добрососедството е критериум за европска интеграции на Република Албанија, таа политика мора да ја унапредуваме со сите наши соседи. Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на соработка и братство во вкупните македонско-албански односи, врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност. Наша стратешка определба е Договор за траен мир и добрососедство меѓу Република Албанија и Република Македонија. Верувам дека Република Албанија се радува дека набрзо 30-та членка на НАТО ќе стане Република Македонија, како незаменлива гаранција за мирот и безбедноста на Балканот во целина. Македонците во Република Албанија како лојални албански државјани ги поддржуваат евро-атлантските интеграции на Република Албанија, бидејќи таа е и наша татковина. Ви благодарам на вниманието.