ПОМЕН И СПОМЕН ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ЗА МАКЕДОНСКОТО КРЕСНЕНСКО ВОСТАНИЕ И ВОСТАНИЕТО НА 11 ОКТОМВРИ

Во организација на ОМО “Илинден“ – ПИРИН, ОМО “Илинден“ и други македонски организации во Бугарија денес во градот Кресна, традиционално беше одбележано Македонското (Кресненско) востание и 11 октомври – Денот на востанието на Македонскиот народ.

Делегации на ОМО “Илинден“ – ПИРИН, ОМО “Илинден“ и други македонски организации во Бугарија положија свежо цвеќе на споменикот на водачот на Македонското востание Димитар Поп-Ѓорѓиев Беровски, а потоа поздравно обраќање пред присутните одржаа копретседателот на ОМО “Илинден“ – ПИРИН Стојко Стојков и претседателот на ОМО “Илинден“ – Пирин Кирил Тилев.

Д-р Стојко Стојков зборуваше за двете востанија, за продолжувањето на македонската борба за права и слобода, за политиката на негирање и бугаризација на Македонците спроведувана од бугарската држава, која доведе до востанието од 11 октомври 1941 година и која сега го поткрева македонскиот народ на отпор насекаде по светот.

Со едноминутно молчење беше оддадена почит на сите загинати знајни и незнајни јунаци и борци за слободата и државноста на Македонскиот народ и Македонија.

Истиот ден, чествувањата на ОМО “Илинден“ – ПИРИН, ОМО “Илинден“ и други македонски организации во Бугарија продолжија во село Стара Кресна, каде пред споменикот на востанието, говор одржа претседателот на ОМО “Илинден“ Кирил Тилев, бурно поздравен од присутните.

Панихида за загинатите за Македонија беше одржана во месната црква на селото Оштава. За помен на умрените и за здравје на живите беше раздадена погача и пченица.

Чествувањето заврши со веселба.

На чествувањата присуствуваа Македонци од сите делови на Пиринска Македонија и Бугарија.