НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА – 75 ГОДИНИ ОБРАЗОВАНИЕ НА МАЈЧИН МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО АЛБАНИЈА

Денеска во организација на македонското друштво “Сонце” – во Конгресната Палата во Тирана се одржа научна конференција “75 години образование на мајчин Македонски јазик во Албанија”.

Во име на постарите учители на Македонски јазик, конференцијата ја поздрави Фоте Никола.

Во својот поздравен говор, пратеникот Васил Стерјовски рече: Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, почитувани пратеници, почитуван градоначалник на општина Пустец, почитувани гости, Ви упатувам честитки по повод јубилејот 75 години образование на мајчин Македонски јазик во Албанија. Денеска сме собрани да одбележиме еден значаен јубилеј на Македонците во Албанија, 75 години од образованието на мајчин Македонски јазик во Албанија.

Оваа година, нашата држава слави 75 години од ослободувањето. 75-годишнината од изучувањето на Македонскиот јазик во Албанија е тесно поврзана со 75-годишнината од ослободувањето на Албанија. Македонците во Албанија им се придружија на албанските партизани во Втората светска војна, помогнаа во ослободувањето на Албанија од фашизмот и станаа важен дел од оваа земја. Се вградија во темелите на државноста на Албанија. Врз основа на пожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката војна во Албанија во Втората Светска Војна, уште во 1945 година Македонците беа признати како национално малцинство во Мала Преспа и селото Врбник, во Деволската област во округот Корча и во областа Голо Брдо во округот Дебар. Во овие области, Македонците во Албанија го стекнаа правото на образование на својот мајчин Македонски јазик, а за Македонците во Албанија се овозможи развој на македонската култура и традиција.

Врз основа на договорот помеѓу тогашна Народна Република Албанија и СФР Југославија, во двете земји се испраќаа учители. Во Албанија дојдоа македонски учители кои ги учеа македонските деца, додека во СФР Југославија се праќаа албански учители кои ги учеа албанските деца. Со резолуцијата на Информбирото, во 1949 година, се прекинаа односите помеѓу Народна Република Албанија и СФР Југославија. Како последица на тоа, македонските учители се протераа од Албанија. Остана само учителот Никола Беровски, кој во подоцнежниот период заедно со писателот Стерјо Спасе, дадоа голем придонес во подготвувањето на учебниците по Македонски јазик за учениците Македонци. Во овој период, училиштата во областа Голо Брдо се затворија, а во областа Мала Преспа и во селото Врбник, во Деволската област, наставата на Македонски јазик, за среќа, не се прекина. Почитувани, како Македонска заедница во Албанија, благодарни сме на нашата држава која 75 години не’ признава како Македонци во Албанија, за разлика од некои држави членки на Европска Унија кои не признаваат македонско малцинство и создаваат пречки на патот на европските интеграции. Оваа наша благодарност, ние, како Македонска заедница ја потврдуваме секојдневно, ние сме лојални граѓани на Република Албанија, редовно ги плаќаме даноците и претставуваме мост на соработка помеѓу Албанската и Македонската држава, помеѓу Албанскиот и Македонскиот народ. Македонците во Република Албанија се залагаат за љубов, мир, толеранција и коегзистенција во албанското општество. Во Албанија сме родени, во Албанија живееме, во Албанија работиме, како албански државјани заедно со сите останати се грижиме за Република Албанија како наша заедничка татковина. Македонската заедница се солидаризира со нашите сограѓани погодени од катастрофалниот земјотрес од 26 ноември 2019 и помогна финансиски, со храна, прехранбени производи и облека. Македонскиот и Албанскиот народ имаат долга традиција на соработка и почитување. Со векови сме живееле под разни освојувачи, со векови сме соработувале за нашата слобода. И двата народа се бореа за изучување на својот мајчин јазик. Јазикот е обележје на еден народ, главна карактеристика по која се разликува од другите народи. Албанскиот поет Наим Фрашери за мајчиниот јазик има напишано: “Нашиот јазик, колку добар! Колку благ, колку широк! Колку лесен, колку слободен! Колку убав, колку вреден!” Македонскиот преродбеник Крсте Петков Мисирков во 1903, пак, напиша: “Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зошто е наш, исто како што е наша татковината. Еден народ што го изгубил својот јазик, личи на човек кој го изгубил патот и не знае ни каде оди, ни кој е!“ Почитувани, во овие 75 години, илјадници Македонци од Албанија се изучија на својот мајчин Македонски јазик. Имаме стотици книги објавени на Македонски јазик од припадници на Македонската заедница во Албанија. Од 1991 години, во разни периоди, во Албанија имавме и весници, радио, локални телевизија на Македонски јазик. Имаме лекторат на Македонски јазик на државниот Универзитет во Тирана. И затоа, апсурдно е во 21 век, европска земја, сосед на Македонија, да го негира Македонскиот јазик, јазик на кој веќе 75 години пишуваме и твориме. Македонската заедница во Албанија ги познава и двата јазици и Македонскиот јазик и Албанскиот јазик, го сака образованието. Позната е по вредности и на нашата земја и’ дала многу познати личности во различни области на општеството. Со право, учителката Крисанта Јанкула од Преспа, која денес е тука, меѓу нас, вели: “Ние, Македонците во Албанија, сме среќни, затоа што истовремено учиме два јазика – Македонски и Албански. Нашите учители и учителки, не’ имаат образовано исто да ги сакаме и двата јазика, но исто и двете нации – Македонската и Албанската. Бидејќи, ние, имаме два јазика: тој на родената мајка Македонскиот и од друга страна јазикот на државата во која живееме Албанскиот. И затоа треба да ги совладаме и двата јазика!” Современите состојби, бараат да се превземат чекори за изучување на Македонскиот јазик насекаде каде што живеат Македонците во Албанија. Македонците кои живеат долж македонско-албанската граница, посебно во периодот после 1991 година, поради подобри услови за живот, од руралните средини се иселуваат во градските средини, како Тирана, Корча, Билишта, Подградец, Елбасан, Драч, Кукс и други места. Денес, поголемиот број на Македонци живеат во градските средини во Албанија, отколку во руралните средини, каде што традиционално живееле. Партијата Македонска алијанса за европска интгерација, но и здруженијата на Македонците во Албанија, дадоа голем придонес за зачувување на мајчиниот Македонски јазик преку организирање на курсеви во повеќе градови и области во нашата земја Албанија. Бараме помош од албанската, но и од македонската влада, за учење на мајчиниот Македонски јазик во сите населени места во Албанија каде што живеат Македонци и каде што има барање за изучување на Македонскиот јазик. Со донесувањето на подзаконските акти на Законот за заштита на правата на малцинствата во Албанија, очекуваме Македонскиот јазик да се учи и како наставен јазик да се применува на целата територија на Албанија. Се надеваме преку Фондот за националните малцинства да се финансираат медиуми на Македонски јазик, да се печатат книги на Македонски јазик и да се унапредува развојот на македонската култура и македонскиот идентитет во Албанија. Недостатокот од учебници по предметите на Македонски јазик конечно треба да се реши.

Лекторатот на Македонски јазик во Тирана мора да прерасне во катедра за Македонски јазик. Бараме на Универзитетот Фан Ноли во Корча да се отвори лекторат по Македонски јазик. Почитувани, Македонците во Република Албанија ги поздравуваат добрите односи меѓу двете држави – Албанија и Македонија и двата народа – Албанскиот народ и Македонскиот народ и очекуваат почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Бараме Договор за положбата и основните права на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на реципроцитетна основа. Отворањето на Македонскиот културен центар во Тирана и Албанскиот културен центар во Скопје, отворањето на албанскиот конзулат во Струга и македонскиот конзулат во Корча, 24-часовното работење на граничниот премин Џепиште-Требиште, го поттикнуваат развојот на заемните братски и добрососедски односи и ја унапредуваат соработката меѓу Албанија и Македонија, меѓу Албанскиот и Македонскиот народ. Уште еднаш, Ви го честитам овој зачаен јубилеј, 75 години од образованието на мајчин Македонски јазик во Република Албанија, на сите Ви посакувам среќни и весели новогодишни празници, честитки за престојните божикни празници на католиците и православните кои Христовото рождество го слават по Грегоријанскиот и Јулијанскиот календар. Да живее Албанија! Да живее Македонија! Да живее албанско-македонското братство! Амин! – рече на крајот во својот поздравен говор пратеникот во собранието на Република Албанија, Васил Стерјовски.

На научната конференција со свои излагања настапија Македонци од цела Албанија. Митре Неделко поднесе реферат на тема “Наставата на Макеадонски јазик од 1945 до 1991 година“. Крисанта Јанкула поднесе реферат на тема “Улогата на македонската жена како учителка во развојот на образованието во Преспа“. Цветко Мале поднесе реферат на тема “Борис Мале – голем деец за напредок на образованието во Преспа“. Кимет Фетаху поднесе реферат на тема “Наставата на Македонски јазик од 1945 до 1948 година во областа Голо Брдо“. Александар Кристо поднесе реферат на тема “Наставата на Македонски јазик од 1991 до 2019 година“. Васил Шемко поднесе реферат на тема “Наставата на Македонски јазик во селото Врбник, областа Девол од 1945 година“. Фоте Никола поднесе реферат на тема “Македонските учебници во училиштата на македонското малцинство во Албанија“. Трајан Ванѓеловски поднесе реферат на тема “Моменталната состојба со наставата на Македонскик јазик во училиштата во областа Преспа“. Таќо Гроздани поднесе реферат на тема “Изучување на Македонскиот јазик преку курсеви во Албанија“. Нико Андони поднесе реферат на тема “Медиумите на Македонски јазик во Албанија“.

На научната конференција присуствуваше премиерот на Република Македонија, а премиерот на Република Албанија упати поздравна телеграма.

Во рамки на научната конференција беше отворена изложба со слики и книги пишувани на Македонски јазик од Македонци од цела Албанија.

©Македониум