ПРОМОЦИЈА НА БИОГРАФИЈА ЗА ДОКТОР ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Во издание на “Матица Македонска“, на 29 септември, во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје, се промовира автиобиографијата “Патот до врвот“ од доктор Лефтер Манче.
Lefter Mance
Воведна реч за животот и делото на доктор Лефтер Манче одржа Раде Силјан, а промотори на книгата беа Раде Силјан, Димитри Јоану, Паскал Гилевски и Мишо Китаноски.
Промоцијата беше збогатена со културна програма на ансамблот “Македонија“ со песните “Бисер балкански“, “Земјо македонска“ и “Млада партизанка“.
– Биографијата на Лефтер Манче е биографија на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од времето на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Тој цело време живее со семејството, живее за Македонија. Неговиот хуманизам и патриотизам немаат граници, секогаш во тие кои им помагаат на Македонците и сакаат да и’ помогнат на татковината Македонија. Лефтер Манче е углед државјанин на Канада каде го развил својот занает, доктор по естетска хирургија во Отава, како и во Будимпешта во Унгарија, – рече Раде Силјан.
Skopje 1
– За нас Македонците од Егејскиот дел на Македонија, Лефтер Манче, стана идол на успешен Македонец во светот кој ја преживеа македонската голгота од Граѓанската војна во Грција, преку Унгарија до Канада и назад во Македонија. Лефтер Манче ни покажа како треба да се бориме за нашите права и слобода, – рече Димитри Јоану, уредник на весникот на македонски јазик во Грција “Нова Зора“.
– Лефтер Манче е легенда меѓу Македонците во светот, хуманист, патриот, современ борец за Македонија. Тој е непресушен извор, вруток од кој извира Македонија, ова е едно од најдобрите биографски дела во Македонија и заслужува внимание затоа што раскажува преку калеидоскопот на авторот за историјата на Македонија од Граѓанската војна во Грција, – рече академик Паскал Гилевски.
Skopje
– Лефтер Манче остави траги во македонската емиграција, како сведоштво на жртва од Граѓанската војна во Грција. Забележителен лик е меѓу Македонците во светот и затоа оваа биографија долго ќе се чита, – рече Мишо Китаноски.
На крајот од промоцијата за своето животно дело, за неговата драма од 1948 година до Унгарија, Канада, и суверена и независна Македонија, пред бројните пријатели и гости се обрати славеникот Лефтер Манче.
– Потекнувам од Загоричани од фамилијата Џидрови. Мајка ми и тројца браќа беа убиени во Граѓанската војна во Грција. Прогонството од Грција, заедно со голем број на деца, ме однесе во Унгарија каде завршив основно средно и високо образование, па заминав за Канада со мојата фамилија. Ме радува што на мојата промоција гости се моите драги пријатели, Македонци од Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија, Македонци од Мала Преспа и пријатели од Републиката. Македонците од Албанија, Грција и Биугарија кои вечерва се со нас се камјакот на петриотизмот на Македонија. Дознав дека мајка ми и татко ми ме дале на чичко ми, тој ме порасна. Кога дознав дека мојата стрина е всушност мојата мајка, и дека не сум сам, туку имам уште тројца родени браќа, чекајќи ги борците од битките од Грамос и Вичо, и тројцата беа партизани, за да се изнарадувам со нив, ми рекоа дека сите се убиени. Не ги ни видов. Целиот мој живот го посветив на Македонија. Се надевам, покрај ова мое биографско дело, за мојот живот, нема да е последно. Идната година ќе ја дочекаме и третата книга, мојата коресподенција со бројни државници низ светот, во барањето признавање на мојата тактовина Македонија. Го прошетав речиси целиот свет, а мојата професија ја проширив со поликлини во Отава и Будимпешта за липосукција и естетска хирургија, за што постои голем интерес во светот. Се надевам дека Фондацијата Браќа Џидрови која годинава ја основав во Македонија ќе им помага на Македонците од сите делови на Македонија, – рече доктор Лефтер Манче.
Skopje 2
На промоцијата присуствуваше и унгарскиот амбасадор во Македонија, Неговата Екселенција Јожев Бенце.
Доктор Лефтер Манче е роден во 1935 година во македонското село Загоричани, општина Костур, во Егејскиот дел на Македонија, сега под Грција.
Во текот на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, ги загубил својата мајка и своите тројца помлади браќа. Во 1948 година, на возраст од 12 години, е однесен во Будимпешта, Унгарија, како дете бегалец и сирак. По посетата на Македонско основно училиште, се запишал на Унгарско средно училиште каде матурирал во 1955 година. Потоа станал студент на престижниот Универзитет за физичка култура на Унгарија од кој четворица од неговите колеги студенти заминале и освоиле златни медали на тогашните Летни Олимписки игри.
На престижниот Универзитет за физичка култура на Унгарија дипломирал во 1959 година. Истата година се запишал и на Медицинскиот универзитет во Дебрецин каде дипломирал со највисоки почести SUMMA CUM LAUDE во 1965 година.
Од 1965 до 1973 година Лефтер Манче бил асистент по хирургија на Универзитетската хируршка клиника во Будимпешта. Потоа емигрира во Канада каде во 1975 година го положил американскиот медицински испит.
Од 1975 до 1979 година Лефтер Манче ја повторува хируршката обука во јавната болница во Отава и станал член на Кралскиот колеџ на хирурзи на Канада.
Во 1980 година ја отвора првата приватна клиника во главниот град на Канада, Отава, ограничувајќи ги своите искуства за естетска хирургија по липосукција, пресадување на коса, естетика на лице, очни капаци и естетска хирургија на гради. Тој ја направи липосукцијата популарна и барана во Унгарија и Канада. Ги напишал првите написи за липосукција публикувани во канадската и унгарската медицинска литература, а исто така, е и автор на првата книга за липосукција во Канада.
Од 1985 до 2005 година Лефтер Манче бил естески хирург на многу познати Канаѓани.
Патува низ целиот свет држејќи предавања за липосукција и естеска хирургија на лице. Во прилог на своите предавања, напишал многу написи за липосукцијата во повеќе канадски, американски, француски и унгарски медицински списанија. Исто така, пред своето пензионирање, основа и раководи со Клиника за трансплантација на коса во Будимпешта каде оперира од 2002 до 2012 година.
Основач е Здружението на Македонците од Загоричани и спонзор на Загоричанската вечера која секоја година под негово покровителство ова здружение ја организира. Доктор Лефтер Манче е голем донатор и хуманист, кој ги помага Македонците и нивните организации и списанија во сите делови на Македонија.
Со одлука на Четвртото Генерално Собрание одржано на 10 и 11 август 1996 година, Светскиот Македонски Конгрес, како неформален Светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет, му го додели највисокото светско семакедонско признание на доктор Лефер Манче за живот и дело, почесната титула МАКЕДОНСКИ СЕНАТОР. (Македониум)