Живееме во свет во којшто сосема поинаку функционираат и политиката, и економијата, и безбедноста и комуникациите. Во тој свет потребни се лидери кои ќе знаат да носат одлуки. Ние тројцата, кога бевме во академската заедница, знаевме да имаме свои ставови на основа на наши индивидуални истражувања, анализи и она што го имаме како капитал стекнато во академската заедница и можевме да донесуваме ставови и мислења и во согласност со времето да ги менуваме. Но кога сте лидер и кога сте политичар, од одлуките што ги носите ќе зависи колку ќе Ве почитуваат.
Тоа пред учесниците на Конференцијата за млади лидери посветена на предизивиците и можностите за балканското лидерство го истакна претседателот Ѓорѓе Иванов, кој беше и иницијатор на дводневниот собир во Охрид, кој се одржа на 29 и 30 ноември 2014 година и на кој, меѓу другите, учествуваат уште и поранешните претседатели на Бугарија и на Албанија Георги Прванов и Бамир Топи.
Иванов во оваа прилика укажа на предизвиците што стојат исправени пред новото, младото лидерство на иднината.
– Радува свеста дека се повеќе луѓе се приклонуваат на школите на мислења кои даваат на се планетарно значење, дека се што се случува, се случува и на други простори и на други места и луѓето се обединуваат тоа да го менуваат, да влијаат да не се случуваат процеси со тешки последици, што би ги трпеле сите ние. Тоа, пред се, се однесува на климатските промени, и на економијата, и на политиката, и на безбедноста, на секоја сфера од човековиот живот, рече Иванов.
Македонскиот претседател им порача на учесниците на конференцијата, на младите лидери да бидат креативни, да создаваат иновативни идеи, да не подлегнуваат на доминантни школи што од нив ќе создаде само потрошувачи, потрошувачи на идеи, добра и на туѓи мисли, туку да го користат слободното време за надоградба на својата личност.
Поранешниот претседател на Бугарија Георги Прванов во обраќањето пред учесниците на конференцијата со оценка дека вистинскиот лидер треба да биде визионер, да носи храбри решенија, да биде оној што ќе води, независно што понекогаш ќе мора да носи и непопуларни одлуки. – Историјата да се остави на историчарите, да не се дозволи иднината да се води гледајќи во минатото, истакна тој.
Прванов посочи дека во Бугарија денес, а верува дека е слично и во останатите држави на Балканот, постои дефицит на идеи, недостиг на визија, идеи што ќе нудат решенија за подолг временски период, а не само за периодот додека се има власта во свои раце. Тој уште ја нагласи потребата Бугарија, Македонија и Албанија да градат и споделуваат иста визија, иста цел, притоа особено да бидеме настојчиви и јасно определени во нашите настапи кога станува збор за реализацијата на проектот Коридор 8, и тоа во поширока смисла, од економско, енергетско, се до културно поврзување на луѓето, особено на младите умови од сите држави во регионот.
-Мора да постои доверба меѓу претседателите, премиерите, меѓу лидерите на сите нивоа…Потребна е комуникација меѓу научната сфера, универзитетските центри, но пред се комуникација на младите луѓе. Во таква клима, на постечка комуникација на младите умови, многу полесно ќе им биде идните претседатели и лидери на држави да креираат една посветла иднина за сите луѓе во регионот, истакна Прванов.
Неговиот албански колега, поранешниот албански претседател Бамир Топи од своја страна укажа на потребата преку ваквите собири не само да се пренесат личните искуства од минатото на некогашните лидери, туку преку акумулација на знаењата, наученото и искуствата, како лични така и на другите, да се создадат нови вредности што ќе значат исчекор во креирањето на иднината.
За него секое ново лидерство што се темели врз гола демагогија е изгубена идеја, политиката креирана од такви идеи останува пуста.
Независно постоењето предрасуди од минатото, Топи иднината на Балканот ја гледа во осознавањето, во препознавањето и проектирањето иста цел – целосното интегрирање на регионот во европските институции и асоцијации.
– Она што ние мора да го направиме е да создадеме политика на соработка, на интензивна комуникација, градејќи мостови што ќе поврзуваат заеднички да настапуваме во борбата за подобра иднина. Секој од нас лично да го даде максимумот за остварување на идејата за уредување односи на добрососедство, од што ќе произлезат придобивки во многу поширока смисла, истакна Топи.
Негова оценка е дека новото лидерство треба да акумулира искуства, постојано да препознава позитивни идеи и преку новите технолошки можности, преку рационална комуникација да гради принципи.
– Уверем сум доколку учите од другите, проектирате нови визии, уверен сум дека Балканот наместо гледајќи назад во своите трауми, ќе создаде просперитет за сите општества и подобра иднина за луѓето од регионот, истакна Топи.
На дводневниот собир во Охрид, свои браќања пред младите лидери има и еминентни професори, амбасадори и бизнисмени, а се одржа и дебата на тема – Придонесот на Алумни аосцијацијата на млади лидери во креирањето лидерство на следната децинија. (Македониум)