Во Глобочени промовирана книгата „Прогонот на Македонците од преспанското село Горна Горица (1924–1933)” од Васил Стерјовски

Денеска во музејот „Стерјо Спасе“ во селото Глобочени, Општина Пустец, се одржа промоција на книгата „Прогонот на Македонците од преспанското село Горна Горица (1924–1933)”, од авторот Васил Стерјовски.

Пред присутните за значењето и научниот придонес на книгата говореше Ефтим Митревски, кој истакна дека делото претставува значаен историски запис за страдањата на Македонците од Горна Горица и вреден придонес во зачувувањето на историската меморија за настаните од меѓувоениот период.

Во своето обраќање, авторот Васил Стерјовски ја претстави содржината на книгата, истражувачкиот процес и архивската документација врз која се темели изданието. Тој нагласи дека книгата има за цел да ја осветли судбината на Македонците од Горна Горица, кои во периодот од 1924 до 1933 година биле изложени на прогон, притисоци и присилно иселување, оставајќи трајни последици врз македонското население и регионот.

Беше истакнато дека книгата има особено значење за македонската заедница во Албанија, бидејќи претставува документарно сведоштво за судбината на Македонците од Преспанскиот регион и придонесува за зачувување на нивната историска меморија, национален идентитет и културно наследство. Преку архивски документи, сведоштва и научен пристап, делото отвора простор за подлабоко разбирање на историските процеси што го обликувале животот на Македонците во пограничниот регион и претставува значаен извор за идните истражувања на историјата на Македонците во Албанија.

На промоцијата присуствуваа и членови на Форумот за човекови права на Македонците со потекло од Егејска Македонија од Скопје, кои со своето присуство дадоа поддршка на ова значајно издание и на напорите за зачувување на историската вистина и колективното сеќавање.

Промоцијата помина во атмосфера на интерес и плодна дискусија, при што беше нагласено дека истражувањето и објавувањето на вакви дела претставува важен придонес не само за македонската историографија, туку и за афирмацијата на историското наследство на Македонците во Албанија, како нераскинлив дел од нивниот национален и културен континуитет.

©Македониум