Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, ја врачи Благодарницата „Илинден“ на институцијата Народен правобранител на Република Албанија.

Благодарницата „Илинден“ за 2025 година ѝ беше доделена на институцијата Народен правобранител како признание за нејзините континуирани заложби и поддршка за Македонците во Република Албанија, како и за поддршката што ја дава на работата и активностите на македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
„Огромна чест ми беше, во име на друштвото и на македонското национално малцинство во Република Албанија, лично да му ја предадам Благодарницата ‘Илинден’“, изјави Ѓурѓај.
На средбата присуствуваа Народниот правобранител Ендрит Шабани, генералниот секретар на институцијата Фатбард Зенелај, како и Вилма Шурда, комесар на Генералниот оддел.
Во текот на средбата, претседателот Ѓурѓај го запозна Народниот правобранител со работата и тековните активности на друштвото, при што посебен акцент беше ставен на клучните прашања и предизвици со кои се соочуваат Македонците во Република Албанија.
„Срдечна благодарност до Народниот правобранител за неговата безрезервна поддршка и охрабрувачките зборови, кои ни даваат сила и мотивација да продолжиме со нашата борба за зачувување на македонскиот јазик, идентитет и култура“, нагласи Ѓурѓај.
©Македониум
