Македонците од Албанија во Канада ја прославија Василица

Македонците со потекло од Албанија кои живеат во Канада традиционално ја прославија Стара Нова Година – Василица. Овој значаен празник, кој е длабоко вкоренет во македонската култура и обичаи, беше одбележан со свечена прослава што се одржа во Македонската Православна Црква „Св. Илија“ во Мисисага.

Манифестацијата беше исполнета со богата културна програма, македонска музика, традиционални јадења и голема заедничка веселба која ги обедини Македонците од различни делови на Етничка Македонија.

Македонските активисти Владимир Терпо и Грег Цанев

Владимир Терпо, македонски иселеник од Мала Преспа кој живее во Торонто, за весникот „Македониум“ изјави дека на оваа македонска веселба, освен Македонците од Албанија, учествуваа над 1.200 Македонци од цела Етничка Македонија.

– Василица е празник кој не сплотува, каде и да се наоѓаме, и е потсетник за нашите македонски корени, традиции и заедништво, изјави Владимир Терпо.

Македонската заедница во Канада останува силно поврзана со македонската културна и духовна традиција, пренесувајќи ја на идните генерации.

©Македониум