Јанкула: МАЕИ ги подигна прашањата за правата на Македонците во Албанија и на меѓународно ниво

Координаторот за меѓународна соработка на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Генти Јанкула, во честитка по повод Новата 2025 година, на Македонците во Албанија им ја честита Новата 2025 година со најискрени желби за здравје, мир и благосостојба во нивните домови.

– Во годината што измина, покрај бројните предизвици со кои се соочуваа Македонците во Албанија, како и нашата партија, успеавме да останеме цврсто посветени на заштитата на правата на Македонците во Албанија, без никакви компромиси. Ја продолжуваме нашата мисија со истрајност и посветеност, стои во честитката.

Додава дека Македонска алијанса за европска интеграција ги подигна прашањата за правата на Македонците во Албанија не само на национално, туку и на меѓународно ниво. На средби во Стразбур со Советот на Европа, во Брисел со европратеници и Европската комисија, како и во Министерството за надворешни работи на Канада, ги информиравме партнерите за предизвиците со кои се соочува нашата заедница, подигнувајќи ја свеста за ова прашање во глобален контекст.

– Еден од историските моменти за Македонците во Албанија беше 7 март 2024 година, кога Македонска алијанса за европска интеграција беше примена во Брисел како членка на Европската слободна алијанса (ЕФА) – партија која ги застапува правата на малцинствата во Европскиот парламент, наведува Јанкула.

Затоа, посочува, Во 2025 година, како членка на ЕФА, Македонска алијанса за европска интеграција уште посилно ќе се бори за правата и слободите на Македонците во Албанија, продолжувајќи да ја афирмира нашата кауза на меѓународно ниво.

– Уште еднаш, Ви ја честитам Новата година со желби за напредок, сплотеност и успех за сите Македонци во Албанија, посакува Генти Јанкула.

©Македониум