ПРОМОЦИЈА НА “МНОГУИМЕНИТЕ ДРУГИ – МАКЕДОНИЈА КАКО ПРЕСЕЧНА ТОЧКА НА ДРУГОСТА НА СРЕДНОВЕКОВНИОТ БАЛКАН (ИДЕНТИТЕТСКИ ЈАЗЛИ)” ОД ПРОФ.Д-Р СТОЈКО СТОЈКОВ

Во амфитеатарот на Македонската академија на науките и уметностите, Комитетот за византологија и медиевистика на Македонија ја промовира книгата “Многуимените други – Македонија како пресечна точка на другоста на средновековниот Балкан (идентитетски студии)” од проф.д-р Стојко Стојков, копретседател на ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН.

– Ова не е ново издание, туку нова книга. Материјалот од старата е целосно преработен. Текстот е зголемен за 100 % и вклучува сосема нови теми. Има 12 глави наспроти 5 во претходната книга, 10 таблици наспроти 1 во претходната книга, 4 мапи и 6 илустрации наспроти ниедна во претходната книга, – изјави проф.д-р Стојко Стојков.

Книгата претставува прво издание во новата едиција на Комитетот за византологија и медиевистика на Македонија: Macedonia Byzantina.

Промотори на книгата беа претседателот на Комитетот за византологија и медиевистика на Македонија проф.д-р Тони Филипоски и проф.д-р Александар Атанасовски.

– Овој труд е плод на 25-годишни истражувања. Целта отсекогаш ми беше вистината, сторив сè што може. Колку сум успеал други ќе проценуваат. Книгава не ја гледам како почеток, други почнале пред мене, ниту како крај. Планирам, ако даде Бог здравје и можност да продолжам да работам на оваа тема, зашто има многу што треба да се истражи. Се надевам дека таа ќе биде поттик и за повеќе учени да се вклучат, пособено да биде од корист за читателите, – изјави проф.д-р Стојко Стојков.

Книгата ги проучува идентитетите во Средниот век, оскудноста на историските извори, заплетканоста околу сето тоа, и нивната злоупотреба денес во политички и геополитички цели. Пишаното дело е поделено на три целини, така што во првите два дела се говори за етнонимите Словени и Бугари во историска Македонија, но и пошироко на Балканот, кои и според проф.д-р Александар Атанасовски и проф.д-р Тони Филипоски, биле егзоними, т.е. туѓи називи за населението, а не ендоними – изворни етнички имиња кои произлегле од народот. Во третиот дел од книгата се говори за Царството на Комитопулите, како што историчарите ја нарекоа Самоиловата држава.

– Во средниот век поимот за припадност е врзан строго за елитата, која со припадноста изразувала лојалност кон владетелот, а не и етничка припадност, – изјави византологот проф.д-р Стојко Стојков, во неговото експозе.

– Поимот етнос во средниот век не е исто со денешното поимање за истиот поим. Постојат бројни имиња за словените кои ја населувале територијата на денешна Македонија, поголемиот дел од нив се егзоними, значи дадени од странци, а помал дел се етноними. Со овие имиња во Средниот век се обележувала пред сè другоста, односно различноста од другите, – порача проф.д-р Стојко Стојков.

Проф.д-р Стојко Стојков смета дека секакво поистоветување на сегашните држави со средновековните е погрешно и неточно. Стојков додава, кога ќе се обидете да рекреирате држава која некогаш постоела е исто како да сте се обиделе да оживеете мртовец, кој на крајот ќе личи на Франкенштајн, но тоа е проблем кој се јавува во модерното време и нема историски континуитет.

– Идентитетите на средновековните држави се однесуваат на стотина семејства, кои се дел од владеачката елита. Кај широките маси идентитетот е менлив, зависи од моменталниот господар и делумно е верски. Кај нас тоа се задржува сè до 19 век, бидејќи во Македонија Средниот век не завршува со османлиските освојувања, – рече проф.д-р Стојко Стојков.
Книгата се продава во книжарниците на “Матица македонска“.

©Македониум