Излагање на Веле Митаноски на Научната коференција “80 години образование на мајчин македонски јазик” организирана од страна на Македонското друштво „Сонце” од Корча, Универзитетот „Фан С. Ноли”, како и “Мрежата за промоција на јазичната различност” од Брисел.
Почитувани пријатели,
Дозволете ми, да ја споделам радоста што, заедно со сите вас, денеска, присуствувам на еден голем настан за етничките Македонци во Албанија, но, и за Македонците од сите меридијани. Научната конференција “80 години образование на мајчин македонски јазик”
Им изразувам најтопла благодарност на организаторите Македонското друштво „Сонце” од Корча, Универзитетот „Фан С. Ноли”, како и “Мрежата за промоција на јазичната различност” од Брисел. Секако, и на мојот драг пријател, во кого одсекогаш сум верувал, почитуваниот Васил Стерјоски, професор на Универзитетот „Фан С. Ноли”.
Со оваа Конференција се одбележува значајниот јубилеј, поврзан со образованието на Македонците во Албанија, се оддава признание на сите оние кои дале значаен придонес за развојот на образованието на мајчин Јазик
Конфернцијата, ќе ја истакне потребата за понатамошен развој на образовниот процес на Македонците во Албанија
Настанот е од големо значење за промоција и зачувување на македонскиот јазик и културен идентитет во Албанијаи тој одбележува една долга историја. Во декември 1944 година, Македонците во областите на Мала Преспа, Голо Брдо и селото Врбник во Деволската област започнаа да го изучуваат македонскиот јазик во образовниот процес во Албанија.
Во промоцијата и зачувувањето на македонскиот јазик кај етничките Македонци во Албанија, имало златни периоди во минатото, но, за жал, и обиди за асимилација и злоупотреба на нивните маки, со инфилтрација на бугарски емисари и службеници на официјална Софија, во најново време.
Во областите со најголема концентрација, како Мала Преспа, Голо Брдо и селата во областа Девол, македонскиот јазик се изучувал во почетното образование, овозможено со мегудржвен договор на тогашните југословенски, односно албански власти, веднаш по Втората светска војна.
Двете земји, до 1948 година, негувале блискост и соработка, како резултат на заедничката антифашистичка војна, во која, етничките Македонци во Албанија, зеле масовно учество.
Република Македонија, тогаш, испратила група учители, мегу кои најпознат е “големиот учител од Преспа Никола Беровски, автор на Македонско албански, односно албанско македонски речин, со 10.000 поими, препечатен 2013 година, во тираж од 500 примероци, во чест на 90. годишнината од неговото раѓање.
Матичната земја, Република Македонија, во 1991 година, му го додели високото државно признание „Климентова награда”
Во осумдесетите години на, сега веќе, минатиот век, кога го водев Радио Охрид и бев во прилика програмски да соработувам со Фоте Никола, во радиото ме посети синот на Никола, Антон Тони Беровски. Користев секоја прилика да се сретнувам со нашинците одовде, како Кимет Фетаху, Цветан Мазнику и останатите дејци.
Драги пријатели,
Македонскиот литературен јазик и македонштината, воопшто, ми се страст, вокација и професија. Тоа било така од најмали нозе, кога сум патувал по 20 километри на ден за да се образувам, кога од родителот не барав, во саботниот пазарен ден во Струга, од таму, да ми донесе чоколадо, туку весникот “Нова Македонија”.
На мојата предодреденост кон јазикот, веројатно, влијаел и првиот комшија бо селото, најпознатиот детски писател, и втемелувач на литературата за деца и млади во Македонија, писателот Ванчо Николески. Она што за вас е Стерјо Спасе, за нас е Ванчо Николески:
Сакам да ми верувате, дека вие Македонците во Албанија, сте ми опсесија, пред се, како човек, како новинар, во еден мал период, и како политичар, кога ја имав среќата да соработувам блиску со Спасе Мазенкоски, Ефтим Митрески и останатите пријатели, во издавањето и финансирањето на весникот “Преспа”, кога излегуваше како подлисток на дневниот весник “Дневник”.
Овдешните нашинци ми се помалку и слабост, која понекогаш кошта, во емотивна и материјална смисла, па и безбедносна смисла, а понекогаш имало и разочарување, како што беше примерот со радиостаницата во Пустец, за која се вложив во обезбедувањето материјални средства, обучувањето на кадарот и одржувањето на, за жал, краткиот живот.
Тоа беше идеа и заеднички зафат со драгиот личен пријател, и ваш голем пријател и помагател, амбасадорот Ристо Никовски, еве, прилика да му ја упатиме заслужената благодарност
Во таа смисла и во таа функција, ја искористив и првата моја државничка задача, од краткиот излет во политиката, во организацијата на средбата на тогашните премиери, Бранко Црвенкоски и Фатос Нано, во Пустец, почетокот на 2023 година, кога Црвенкоски, на мој предлог, донесе и агрегат, наменет за радиото.
Сето ова, заедно со претходната промоција на книгата умотворби на Миранда Шутина, во Охрид, беа странични напори за афирмција и зачувување на македонскиот јазик мегу етничките Мaкедонци во Албанија.
Како професионален новинар, со Албанија како земја, и со албанските политичари од добата на демократизацијата, ме поврзува известувањето за југословенската новинска агенција Танјуг од Албанија.
Со ризик да ви прозвучам нескромно, а, по негово кажување, бев новинарот од странство со кого Сали Бериша, уште како неформален лидер на “Партија демократике”, го направил првото интервју, додека вестите што го обиколија светот, за рушењето на споменикот на Хоџа на плоштадот Скендербег во Тирана, или убиството на студентскиот лидер Азем Ајдари, го носеа мојот потпис. Но, тоа е друга тема.
Денеска говориме за темата македонски јазик, за која сакам да ви пренесам една анегдота. На средбата, Црвенкоски Нано, во Пустец, дојдоа пријателите од Голо Брдо со книшката на Шутина. Еден неповикан гостин од Македонија, надвор од протоколот, се обиде да изигрува заштиник на вас Македонците. Фатос Нано, држејќи ја книшката на Шутина, го прекина, за на македонски јазик, да прочита: “За една болва да не гориме јорганот”!
Во најново време, сопствената грижа кон зачувувањето на македонскиот јазик, мегу нашинците во Албанија, ја манифестирам преку манифестацијата Балкански поетски камп за млади “Ванчо Николески”, која, ова година, шестото издание, го имаше и во Пустец. Така ќе биде и догодина.
Афирмацијата на македонскиот литературен јазик, кај вас и кај нас, е моја мисија и завет. Моја определба, но и моја чест, бидејќи јазикот го учев, како студент, од Блаже Конески (19 декември 1921, а почина на 7 декември 1993), основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност
Академик, прв претседател на МАНУ, еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година и негов прв претседател, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, додека пак, мојот факултет, Филолошкиот, го носи токму неговото име.
Конески активно работел стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик”.
Можеби и не постои позначајна личност за македонскиот литературен јазик, книжевноста, граматиката. Се од востанувањето на Денот на македонскиот јазик, 5 мај, прогласен за првпат во 1945 година, три години пред моето раѓање, кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
Работел како уредник на литературните списанија „Нов ден” и „Македонски јазик”, а бил и редовен соработник на списанието „Современост”.
Од Конески сум запаметил:
-Јазикот е нашата татковина.
-Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште!
Тоа можев во живо да го слушам од мојот голем, омилен професор, исто, како што ја слушнав неговата визионерска мисла, во грч на лична загриженост: “Деца носиме преубаво име, се плашам дека ќе ни го земат!”. Кажана пред 55 години.
Драги пријатели,
Јазикот е богатство, оружје, културен белег на секоја заедница, но и завет за зачувување. Во светот постојат околу шест илјади јазици, но на половина од нив им се заканува исчезнување во многу делови од светот
Мајчиниот јазик кој го знаеме и говориме уште од мали нозе е идентитетски поврзан со нас и нашето постоење. Тоа е јазикот на кој ни зборуваат родителите, тоа е оној на кој ги учиме првите зборови и лесно го разбираме. Мојот мајчин јазик е македонскиот, а како таков тој постои долго време Долга е историјата на неговото создавање од некогашна глаголица, па до денешна кирилица.
Јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеено и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго.
Секоја година, на 21. Феврури, го одбележуваме Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој УНЕСКО го прогласи на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година, како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам. Треба да го негуваме и чуваме ова културно наследство!
Дозволете ми на крајот, да ве потсетам на мисли на неколку наши и странски великани за јазикот
1. „Јазикот е нашата татковина” Блаже Конески
2. „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не не оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме” Петре М. Андреевски.
3. Народната мудрост, македонска јазикот коски нема, но коски крши!
4. Или, онаа кинеската: „Јазикот е без нозе, но лута на илјади милји”.
Големиот африкански лидер, космополит и хуманист, Нелсон Мандела “Ако со човек зборуваш на јазик кој тој го разбира, тоа заминува во неговата глава. Ако со човек зборуваш на неговиот јазик, тоа заминува во неговото срце”.
Две од вечно актуелниот Џорџ Орвел:
1. „Но, ако мислата може да го расипе јазикот, и јазикот може да ја расипе мислата”. Џорџ Орвел
2. „Политичкиот јазик е осмислен така да прави лагите да звучат вистинито и убиството достојно за почит, и да му се даде цврстина на ветрот во магла” – Џорџ Орвел
Од мудриот американски автор, Марк Твен, е запаметено: „Вистинско богатство е јазикот што глувите можат да го чујат, а слепите да го видат”
Додека Киплинг, ќе каже: “Зборовите се, секако, најмоќниот лек којшто човештвото го користел.”
И ќе завршам со староримската мудруст: Kot linguas kales, tot kaputa valest, повтортена од Карл Маркс, како: „Човекот вреди колку што јазици зборува”.
Ви благодарам, чувајте си го мајчиниот македонски јазик, тој ќе ве чува вас.
Да сте ми здрави и живи.
Веле Митаноски