Средба на заменик-министерот Димитровски и ректорот на универзитетот во Корча, Економи

Ректорот на универзитетот „Фан С. Ноли“, во Корча, Лоренц Економи вчера беше домаќин на заменик-министерот за надворешни работи и трговија, Зоран Димитровски, објави Универзитетот на официјалната веб страница.

-Во фокусот на оваа средба беше студиската програма „Албански јазик-книжевност и јазиците на малцинствата“ на Педагошкиот факултет во која е опфатен и македонскиот јазик, како и важноста од промоцијата во зголемувањето на интересот на младите за пријавување во оваа програма, стои во објавата.

На средбата, каде што беа присутни и други водечки авторитети на Универзитетот, беше истакнато дека ваквите средби ги зајакнуваат академските и културните врски меѓу двете земји, отворајќи нови можности за студентите и академскиот кадар.

Димитровски вчера престојуваше во Корча, каде имаше обраќање на научната конференција „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.

Во своето обраќање тој истакна дека негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата Влада. Посебен акцент во неговото обраќање беше важноста на постоењето на лекторати по македонски јазик во странство.

-Сега функционираат 11 лекторати каде што се изучува македонскиот јазик, а во десет држави се студира македонски јазик. Лекторати за македонски јазик има во Турција, Србија, Хрватска, Полска, Романија, Унгарија, Франција, Русија, Албанија и Кина. Најсилни лекторати имаме во Истанбул и во Риека, каде што има најголем број студенти што го изучуваат македонскиот јазик, а најстари се оние во Букурешт и во Париз. Центри, пак, во кои може да се изучува македонскиот јазик има во Велика Британија, Канада, САД, Полска, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Хрватска и Чешка. На филозофските факултети во Љубљана и во Загреб, како и на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва, македонски јазик може да се изучува како прв модул, истакна Димитровски.

Дополнително посочи дека македонскиот јазик е наше национално идентитетско обележје што системски ќе го негуваме, заштитуваме, унапредуваме и афирмираме.

Додаде дека Министерството за образование и наука ќе финансира научни проекти и особено внимание ќе обрне на учењето на македонскиот јазик како заеднички јазик на разбирање во земјата.

Пред присутните заменик-министерот говореше и за грижата за македонското национално малцинство во Албанија, како резултат на континуирани ангажмани на неколку клучни институции во нашата земја.

Организатори на Конференцијата беа Македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град, како и мрежата за промоција на јазичната различност од Брисел.

©Македониум