Научна конференција „80 години образование на мајчин македонски јазик“ во Корча

Со учествуво на универзитетски професори и научници од Корча, Тирана и Македонија, како и активисти од македонската заедница во Албанија и областа Гора, на Косово, во Корча, Албанија, се одржа Научната конференција на тема: „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.

На чинот на свеченото отворање, учествуваа заменик министерот за надворешни работи и трговија, Зоран Димитровски, ВД амбасадор на Република Северна Македомнија во Тирана Љуфтим Спахиу, дитректорката на КИЦ во Тирана Емилија Потеска Попивода, градоначалникот на Пустец Пали Колефски и други.

Пленарната седница ја отвори раководителот на Катедрата за јазик и литература, проф. д-р Ерис Руси, додека присутните потоа ги поздрави ректорот, проф. д-р Лоренц Економи, проф. д-р Јонела Спахо, декан на Педагошкиот факултет, претседателот на Советот на Округот Корча, Ерјон Неџипи, како и заменик министерот за надворешни работи и трговија на Република Македонија, Зоран Димитровски.

Обраќајќи се пред присутните, заменик министерот Зоран Димитровски, потенцираше дека негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата македонска влада.

-Од аспект на евроинтеграцијата на државата, тоа значи зајакнување на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на националната верзија на европското законодавство и обезбедување квалитетна поддршка во текот на пристапните приговори, рече Димитровски.

Според него, јазикот е нашиот часовник на времето во кој и стојат и се движат сите физички и духовни записи, сите споделени мисли и спомени на што човекот ги брише, а јазикот го чува дури и од забот на времето.

Организатори на Конференцијата се Македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град, како и “Мрежата за промоција на јазичната различност” од Брисел.

Исто така, присутните ги поздрави и претседателот на Македонското друштво “Сонце” и професор на Универзитетот „Фан С. Ноли“, м-р Васил Стерјовски, кој се осврна и на главната тема на оваа пленарна сесија „Предизвиците на изучувањето на мајчинот македонски јазик во Албанија 1944-2024 година“.

Стерјовски, напомена дека целта на Конференцијата е да се одбележи значајниот јубилеј на македонското образование во Албанија, да се почитуваат и запаметат сите оние кои дале значаен придонес за развојот на образованието на мајчин јазик и да се истакне потребата за понатамошен развој на образовниот процес на Македонците во Албанија.

-Јазикот е душата на еден народ. Како што рекол германскиот филозоф Јохан Волфганг Гете “Кој не го знае својот јазик, не се познава себеси”. Затоа зачувувањето и развојот на македонскиот јазик во Албанија е вреден придонес за нашиот културен мозаик. Да го искористиме овој јубилеј за да размислиме за важноста на соработката и различостите. Како Македонци и Албанци, со векови живееме рамо до рамо, споделувајќи предизвици и триумфи. Нашата соработка е пример за хармонија и меѓусебно почитување, истакна Стерјовски.

На Конференцијата, која е од големо значење за промоција и зачувување на македонскиот јазик и културен идентитет во Албанија, од Македонија учествуваа професор д-р Катерина Тодоровска, заедно со новинарот, активист мегу Македонците во Албанија, Веле Митаноски.

Тодоровка повтори, дека, во декември 1944 година, Македонците во областите на Мала Преспа, Голо Брдо и селото Врбник во Деволската област започнаа да го изучуваат македонскиот јазик во образовниот процес во Албанија, што било овозможено со мегудржвен договор на тогашните југословенски, односно албански власти, веднаш по Втората светска војна.

-Во промоцијата и зачувувањето на македонскиот јазик кај етничките Македонци во Албанија, имало златни периоди во минатото, но, за жал, и обиди за асимилација и злоупотреба на нивните маки, со инфилтрација на бугарски емисари и службеници на официјална Софија, во најново време, рече, мегу другото Веле Митаноски.

Тој повтори дека двете земји, до 1948 година, негувале блискост и соработка, како резултат на заедничката антифашистичка војна, во која, етничките Македонци во Албанија, зеле масовно учество.

Научната конференција продолжи со презентација на околу 16 научни теми подготвени од академици, наставници и истражувачи од Албанија и Македонија како и од македонски активисти од Албанија.

Темите опфаќаа различни студии поврзани за македонските учители во Албанија во 1944-1948 година, придонесот на Стерјо Спасе во уредувањето на текстовите на албански и македонски јазик, размислувања за 80-годишнината од наставата на македонскиот јазик во Албанија, придонесот на Никола Беровски, Борис Малевски и Фоте Никола за изучувањето на македонскиот јазик, македонските говори во областите на Гора и Голо Брдо, изучувањето на македонскиот јазик во селото Врбник, поврзаноста на албанската и македонската литература, промоцијата и зачувувањето на македонскиот јазик и културниот идентитет на етничките Македонците во Албанија итн.

Во рамките на настанот, беше поставена изложба на фотографии и документи кои го отсликуваат образованието на македонски јазик во Албанија, како и книги на македонски јазик напишани од Македонци во Албанија.

©Македониум