Претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) Бил Николов и Васил Стерјовски, македонски активист за заштита на човековите права од Албанија и претседател на Македонската алијанса за европска интеграција – МАЕИ, оствариле средба со Џули Клотие, заменик директорка за европски и евро-азиски прашања на Министерството за надворешни работи на Канада.
– На средбата, Николов објасни дека сме сведоци на драматичен пораст на анти-македонски постапки на Балканот, кои произлегуваат од принудното менување на името од страна на Грција, кое ни беше илегално наметнато од страна на САД и режимот на поранешниот македонски премиер Зоран Заев, кого САД го инсталираа во Македонија.
Се вршеше масовно кршење на меѓународното право и македонските закони и човековите и граѓанските права и слободи со цел илегално да се наметне крајно навредливото име „Северна Македонија“, кое беше измислено за да се избрише македонскиот идентитет, култура и историја, во замена за повлекување на грчкото вето за приемот на Македонија во НАТО, што ни беше наметнато од САД, информираа од ММДЧП.
Додал дека западните земји, вклучително и Канада, ги „поддржуваа грчките барања и им дадоа слобода на Грциј, Бугарија и Албанија да ги спроведат своите политики на негирање на македонскиот идентитет, и експоненцијално да го засилат кршењето на човековите права на Македонците“.
-Бугарија ги интензивираше своите напади врз Македонците во Бугарија, вклучително, меѓу другото, со напад врз културниот центар во Горна Џумаја, активности на тајната полиција и апсење на учесници на македонски собири и со експлозијата на анти-македонски говор на омраза од страна на бугарските политичари и медиуми, посочил Николов.
Понатаму, како што објаснил Стерјовски, Бугарија ги проширува своите анти-македонски активности и во Албанија, каде бара – и добива – поддршка од албанската Влада во своето тврдење дека македонското малцинство во Албанија одеднаш станало „бугарско“.
Ова се прави во замена за бугарска поддршка за приемот на Албанија во Европската Унија.
– Како што истакна Стерјовски, кој воедно беше прв пратеник во албанскиот парламент, кој јавно се декларира како Македонец, Бугарија го злоупотребува своето членство во Европската Унија, и користи разни методи за да ги асимилира Македонците и да произведе „бугарско“ малцинство во Албанија.
Информираше дека Бугарија поттикнува албански граѓани да извадат бугарски пасоши – за кои им наплаќа илјадници евра – со што ќе ги добијат привилегиите на државјанство во Европската Унија.
Бугарија потоа овие луѓе ги прогласува за „етнички Бугари“, стои во објавата на движењето.
Нагаласил дека Бугарија неодамна испратила високи претставници во Албанија, кои „отворено се мешаа и провоцираа со своите анти-македонски постапки, и извршија масовно мешање во пописот што Албанија го спроведе во 2023 година“.
При овој попис, двете земји се здружија со цел, за првпат во албанската историја, на еден попис Бугарите да се појават како малцинство.
Сите малцинства во Албанија здружено го осудија пописот и побараа да се спроведе нов попис, со меѓународни набљудувачи.
-Николов ги осуди двојните стандарди на Западот кој селективно ги применува мерките за заштита на човековите права и не само што ги изостава Македонците, туку и намерно ги крши човековите права на Македонците.
ММДЧП и МАЕИ ја повикаа Канада да ги осуди Бугарија, Албанија и Грција за нивните анти-македонски постапки, да побара итно враќање на името на Македонија и да загарантира еднаков третман и заштита на човековите права на сите Македонци, се нагласува во објавата на ММДЧП.
©Македониум