Заврши Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“

На учесниците на Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“, во селото Црвена Вода, пред родната куќа на Ванчо Николески им беа доделени дипломи за учество, ја разгледаа “Спомен собата” на Николески и беа во прилика да го видат веќе распаднатото оригинално самарче од коњчето Дорчо во култниот и екранизиран роман за деца “Волшебното самарче”.

Со доделување на дипломите заврши Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“, кој ова година освен во Охрид и селото Црвена Вода еден ден се пресели и во областа на Мала Преспа во Албанија.

Часовите за креативно пишување, односно поетските работилници, годинава ги водеше поетот, професор д-р Христо Петрески.

Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, Италија, додека, финансиски е помогната од Општините Охрид и Дебрца, како и од спонзори и помагатели.

-Оваа автентична манифестација, која е од пошироко општествено значење и која веќе прерасна во традиционална, ги собира учесниците со добра волја и јазичка и поетска креација без предрасуди, со што придонесува во општото разбирање на балканските народи, со што поезијата е апострофиорана како сеприсутна и надвремена . Драгост моја е што манифестацијата го носи името на великанот на севкупната книжевност, посебно македонската, неизбришливиот траг на Ванчо Николески на чии сјани дела израснаа десетини и десетини генерации, напиша, во обраќањето, во името на Светската академија , книжевникот и координатор за поезија за земјите од словенскиот свет, Мајо Даниловиќ.

Името и делото на Ванчо Николески се слави и во Австралија, од каде во името на Литературното друштво “Ванчо Николески”, со снимена видео порака, се обрати претседателот Наум Трајчески.

Веле Митаноски