Пишува: Ристо Никовски
Пред некој ден, Сиљановска – Давкова организираше средба со Македонците од Албанија, чин што е секако за поздравување. Меѓутоа, поканети беа лица коишто само потекнуваат од таму, ама одамна живеат во Ресен, Битола, Охрид…, со еден или два исклучока. Убава намера, којашто се претвори во сериозна грешка на претседателката, која не мора да знае кој е кој меѓу нашите во Албанија.
Главен гостин, или „водач“ на гостите беше Едмонд Темелко – Монди, којшто 17 години живее во Ресен! Пред доста години, тој навистина беше лидер на Македонците во Албанија и во неколку мандати и градоначалник на Пустец. За лидер го избраа со мал политички удар, на доста нелегален начин. Веднаш започна со ликвидација на основачите на друштвото „Преспа“ (Спасе Мазенковски, Ефтим Митревски…). Се обиде да ја приграби целата власт и да биде „војвода“, како што сакаше да го викаат. Тогаш работев во Тирана и прогонот на основачите го спречив со мала закана.
Уште како градоначалник, Темелко се пресели во Ресен, што беше исклучително штетно за македонската кауза во Албанија. Иако бев веќе вратен во земјата, во неколку прилики му советував дека не може таму да биде градоначалник, а да живее во Македонија. Пет пари не даваше.
Во секој случај, Темелко е одамна отпишан од политичките активности на Македонците во Албанија и нема никаков, ама баш никаков мандат да ги претставува нив, и да зборува во нивно име. Другите, со него – уште помалку. А, сите кај претседателката!
Случајов личи како некој од странство да сака да разговара со нашиот премиер, и место Христијан Мицкоски, да го покани – Владо Бучковски. Толкава е грешката. Колку што би бил муабетот бесмислен со Бучковски, толку е и со Темелко.
Групата беше поголема, десетина луѓе, ама никој од Пустец, Драч, Елбасан, Голо Брдо, Гора… Само Мехмед Хоџа дошол од Тирана и, се чини, уште еден, сосема непознат за Македонците во Албанија. Другите, не поминале граница.
Дали Темелко „воскресна“ како благодарност што ги носеше Македонците од Мала Преспа да гласаат на изборите, за време на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ? Зарем е можно некому сѐ уште да не му биде јасно дека тоа беше непростлива политичка грешка? На средбата кај претседателката присуствуваше и еден од поранешните амбасадори во Албанија. Дали и неговата заслуга е што, можеби заедно со Темелко, носел гласачи од Мала Преспа?
Тоа беше навредливо за сите тамошни Македонци. Се прошири приказната дека тие, сироти, збунети и злоупотребени, држејќи се „за рачиња“, гласале во Македонија. Тогаш, и шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ ни ОДИХР, амбасадорот Герт Аренс, ми кажа дека го однеле на изборно место за да ги види сиротите малопреспанци. И тој се чудеше. Жива срамота.
Ако во Кабинетот на претседателката не знаеле кого да поканат, ред било да ја консултираат нашата Амбасада во Тирана. Впрочем, на средбата беше и МНР, Муцунски. Вршителот на работите во Тирана тврди дека не биле контактирани а дека тој, иако две години веќе работи во Амбасадата, не познавал никој од тие што се појавиле во Скопје! Како ќе ги познава, кога живеат во Македонија?
Всушност, на една таква средба кај претседателот на државата, ако веќе амбасадорот е отсутен, требало да се покани и вршителот на работите.
Со голема сигурност може да се тврди дека средбата кај Сиљановска – Давкова ќе доведе до нови поделби меѓу Македонците во Албанија, и, што е најстрашно, сериозно ќе ги подобри условите за нивно булгаризирање, со уште пошироко дивеење на Софија.
Неспорно е дека целта на овој немил и штетен настан по македонските интереси е да се елиминира сегашниот лидер на Македонците во Албанија, Васил Стерјовски, кој е на чело и на партијата Македонска алијанса за европска интеграција. А, Васил, извонредно ја води партијата, без било какви услови за тоа. Тој беше носител на борбата против бугарската агресија во пописот. Никој од гостите кај Сиљановска – Давкова не се ни попишал, камоли да реагирал.
За да биде јасно што се случува во Мала Преспа, каде живееја некаде околу 4.000 Македонци, и нема други, треба да се знае дека покрај македонската делуваат и другите албански политички партии. Во целина, повеќе Македонци членуваат во Демократската на Сали Бериша, Социјалистичката на Еди Рама и во таа на Илир Мета, а не во македонската. Преку албанските партии, коишто се големи и силни, и се менуваат на власт, тие можат да добијат било работа, било други привилегии, коишто македонската не може да им ги пружи, или многу малку.
Да нема забуни, по сите досегашни избори, градоначалник на Пустец бил Македонец, само прашањето било – преку која партија. На последните локални избори, Македонската партија коалицираше со социјалистите на Еди Рама и така го добија сегашниот градоначалник, којшто е по многу што контраверзна личност а кокетира и со Бугарите. ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, не ја поддржало македонската партија, и нејзиниот кандидат, туку кандидатот на партијата на Илир Мета! Градоначалникот на Ресен, и други, постојано било со кандидатот на Мета. Тоа е сериозна политичка грешка.
Нема никаква дилема дека оваа наша држава не само што треба, туку и мора да ја поддржува македонската парија во Албанија, со кого и да коалицира таа. Тоа е нивен избор, а не е, и не треба да е наш. Македонската партија е единствена која се бори за правата на нашето тамошно малцинство. Единствено таа се крена и против бугарската инвазија во пописот. Неколкуте друштва коишто сѐ уште постојат се само дел од политичкиот фолклор, со мало или никакво влијание.
Дека е така, најдобар доказ е фактот што сите албански партии, и од власта и од опозицијата, целосно го поддржаа бугарското дивеење на пописот во Албанија. Вклучувајќи ја и партијата на Мета. Мора да ни биде јасно дека бугаризацијата на Македонците е долгорочен стратегиски интерес на Албанците. Во прашање се визии и планови на други, исклучително моќни меѓународни фактори, коишто извонредно се вклопуваат во албанските национални екстремизми.
Ние треба многу да учиме од Албанците. Тие војуваат и се колат меѓу себе околу власта, ама кога се на маса националните интереси, максимално се единствени. А ние?
Сега во Корча, бугарската фондација на Врбевски ја тужи партијата на Македонците за негирањето дека во Албанија има Бугари. Тоа значи дека го тужат Стерјовски – лично! А ние, место да му помогнеме, ред е да го дискредитираме.
Основно и клучно правило, како за нашите малцинства во соседните земји, така и за дијаспората, е да не се мешаат во политичките пресметки во Македонија или – да не заземаат страна. Треба да соработуваат со сите а, се разбира, најмногу со власта. Само таа може да им помогне, да им обезбеди стипендии, да ги вклучи во домашните развојни програми…
Но, не е така. Тешко дека некогаш и ќе биде. Таков ни е табиетот. Никаков. Владеачката партија, која и да е, секогаш сака да земе сѐ. Се обидува да ја уништи опозицијата, ако може, очекува сите, и од малцинствата и од дијаспората да бидат со и за неа… И, не е можен ниту минимален договор за македонските национални интереси!
До кога ќе одиме прудолу?