Во Пустец промовирана книгата „Преспа по патеката на знаењето” од Цветко Малевски

Во просториите на гимназијата „Трајан Ѓорѓиевски и Митре Колефски” во Пустец денеска беше промовирана книгата „Преспа по патеката на знаењето” од авторот Цветко Малевски од Пустец, Република Албанија.

На промоцијата на книгата присуствуваа градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, отец Алекс Темелко и отец Ропи Арѓири, како и поранешни и сегашни просветни работници од училиштата во Мала Преспа.

За книгата зборуваше Ефтим Митревски, уредник на весникот „Преспа” и авторот Малевски кој речиси целиот работен век го поминал како учител во подрачјето на Мала Преспа.

Малевски нагласи дека за пишувањето на оваа книга користел од објавената литература за училиштето во Пустец, оставените белешки во архивата во училиштето во Пустец, книгите на Стерјо Спасе, дневникот на првиот учител Борис Малевски, спомените на постарите жители, на поранешните ученици од ова училиште.

„Идејата за пишување на ова книга се роди на 21 декември 2019 година, кога во Тирана, партијата Македонска алијанса за европска интеграција, на иницијатива на Васил Стерјовски и Фоте Никола организираше научна конференција по повод 75 години од образованието на мајчин македонски јазик во Албанија, каде учествував со свој реферат за првиот учител Борис Малевски“, рече авторот.

Според него, развојот на образованието во Преспа може да го поделиме во три периоди – првиот период почнува од стари времиња до 1924 година, вториот период почнува од 1924 година до ноември 1944 година и третиот период почнува од ноември 1944 година до денешно време.

„Во книгата се опфатени сите учители што дале придонес во образованието во подрачјето на Преспа, првите учители на македонски јазик од Македонија, обрзованието на мајчин македонски јазик во подрачјето на Преспа како и за истакнати личности кои завршиле во нашите училишта во Преспа и кој успеале во разни професии во Албанија и во други држави каде што студирале“, нагласи тој.

Малевски посака оваа книга да послужи како поттик за нови студии за образованието и културата во Пустец.

„Убеден сум дека во иднина учителите од ова училиште ќе се навратат на оваа тема дополнително збогатувајќи ја со нови информации врз основа на нивното истражување. И сега имаме легитимно право да се гордееме што пламенот на тој факел што беше запален рано во Преспа толку силно свети во нашите денови… Секогаш мора да се движиме со времето, во име на вредностите“, изјави Малевски.

На промоцијата поздравија градоначалникот Пали Колефски, претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интерација, Васил Стерјовски, отец Ропи Арѓири, директорот на гимназијата Трајан Ванѓелофски, како и наставниците Лазо Стојани и Иван Терпо.

©Македониум