ЕВРОПСКА ДЕЛЕГАЦИЈА МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА

Во организација на Европската слободна алијанса (ЕФА – European Free Alliance), во хотел Спартак во градот Сандански беше организирана панел дискусија, како дел од европската кампања за престојните парламентарни избори за Европскиот парламент, во координација со ОМО “Илинден” – ПИРИН како членка на ЕФА во Бугарија.

Делегацијата на ЕФА беше составена од пет члена – двајца од Каталонија, еден од Баскија, еден од данско малцинство во Германија.

Панелисти на првата трибина беа проф.д-р Стојко Стојков копретседател на ОМО “Илинден” – ПИРИН, Лорена Лопез де Лакал претседател на ЕФА и Маилис Росберг кандидат за пратеник во Европскиот парламент.

На трибината учествуваа 80 делегати на ОМО “Илинден” – ПИРИН од цела Пиринска Македонија и Софија, како и делегати од сите македонски организации во Бугарија, меѓу кои и ОМО “Илинден“, Друштвото на репресирани Македонци во Бугарија “Жртви на комунистички терор“, Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров”, Антички Македонци, Македонскиот дискусиски клуб за етничка толеранција, Комитетот за човекови права, здружението Сонце и други. Присутните поставија повеќе прашања за положбата и правата на Македонците во Бугарија. Заклучок на панелистите беше дека треба да се извршат промени и во Европа – малцинствата не треба да бидат само грижа на државите, туку и на комесарите на Европската Унија.

Претседателката на ЕФА Лорена Лопез де Лакал рече: “И ние бевме клеветани во Шпанија како сепаратисти, како што прават со вас тука, им требаше време на властите да разберат дека се бориме за повеќе демократија, а не за отцепување, исто како вас.“

Трогателна беше средбата меѓу претседателката на ЕФА Лорена Лопез де Лакале и Стојан Герасимов, човек кој 5 години лежел во бугарски затвор поради своето македонско национално чувство.

“Бев во затвор, не поради политички уверувања, заради тоа не се сметам за политички затвореник. Јас сум осуден затоа што сум Македонец, поради моето потекло!” – рече Стојан Герасимов.

Претседателката на ЕФА Лорена Лопез де Лакале раскажа за нејзиниот татко, кој бил испратен во затвор поради продажба на баскиска литература и дистрибуција на баскиски книги.

Панелисти на втората трибина беа претседателот на Бугарскиот хелсиншки комитет – Красимир Канев и адвокатот Рангел Бараков, на која присутните можеа да зборуваат за проблемите со кои се соочуваат македонските организации во обиди да се регистрираат и делуваат.

Општ беше заклучокот на сите присутни и на панелистите дека, иако борбата е тешка, таа е неизбежна и мора да продолжи до победа и слобода!

©Македониум