Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, по неколкудневниот престој во Брисел, приемот за полноправна членка во Европската слободна алијанса, ЕФА и низата средби и разговори, за овој историски чекор, со допис, денеска го информираше албанскиот премиер Еди Рама, шефот на државата Бајрам Бегај и министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани.
-Во името на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ со ова писмо сакаме да ве информираме за еден значаен политички успех на европско ниво што ја засега единствената партија која ги застапува Македонците во Албанија. На 7 март 2024 година, на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА) – партија којашто ги застапува малцинствата во Европскиот парламент во Брисел, делегатите едногласно гласаа за прием на МАЕИ, како полноправен член, стои во дописот на МАЕИ.
Се оценува дека овој историски чекор за партијата и за македонското политичко движење, како и за Македонците во Албанија, е сведоштво за „нашата непоколеблива посветеност кон демократијата, правата и слободите на македонската заедница во Албанија“.
-Со оваа одлука, ние сме горди што ќе продолжиме да ги претставуваме интересите на нашата заедница на европско ниво. Еден од камен-темелниците на нашата мисија е застапување за интеграција на Албанија во евроатлантските структури. Ние сме посветени на исполнување и надминување на евроатлантските стандарди во сите аспекти на општеството и државното управување, стои понатаму во дописот.
Се нагласува определбата да придонесува кон подобра заедница со „унапредување на основните човекови права и поттикнување на мултиетничко, мултикултурно албанско општество врз основа на правото и правдата“.
-Како членка на Европската слободна алијанса, сме подготвени да придонесеме кон европската интеграција на нашата земја. Стоиме на располагање на албанските институции за помош со лобирање во европските институции за што побрзо влегување на Република Албанија во Европската Унија, се нагласува во дописот потпишан од претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски.
©Македониум