ЖАЛНА ВЕСТ, ПОЧИНА ФОТЕ НИКОЛА (04.03.1946-11.02.2024)

Денес, на 78-годишна возраст, во Тирана, почина Фоте Никола – истакнат македонски активист и борец за правата на Македонците во Албанија.

Фоте Никола се роди на 4-ти март 1946 година во село Шулин, областа на Мала Преспа. Тој беше уредник на програмата на македонски јазик во Радио „Корча“, од самиот нејзин почеток во 1991 година.

Од 2005 до 2014 година, Фоте беше член на комитетот на малцинствата при владата на Република Албанија, застапувајќи го македонското малцинство. Беше автор на повеќе учебници на македонски јазик за македонските ученици во Албанија.

Фоте е автор и на книгата “Литературни творци од македонското малцинство во Албанија”, објавена на македонски и албански јазик. Тој исто така беше задолжен за издавањето на преобјавената верзија на речникот албански-македонски на Никола Беровски и пишуваше бројни статии за положбата, образованието, фолклорот и традициите на Македонците во Албанија.

Беше член на Централниот комитет на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и почесен советник на дипломатската мисија за мир и просперитет во Тирана. Фоте Никола даде голем придонес во унапредување на правата на Македонците во Албанија.

Погребот на Фоте Никола ќе се одржи утре во 14:00 часот на градските гробишта во Корча. Неговата посветеност кон подобрувањето на животот на македонската заедница во Албанија ќе продолжат да живеат во срцата на оние кои го познаваа и сакаа.

Нека му е вечна славата.

©Македониум