Александар Караѓуле Охридски – Мачен и убиен од Бугарите во 1892 година поради својата македонштина

Многу малку е познато кај Македонците дека главниот јунак од македонската патриотска песна „Послушајте патриоти“ – Александар Караѓуле Охридски, е мачен и убиен од Бугарите, во софискиот затвор во 1892 година.

Александар Караѓуле, како уредник на весникот „Македонски глас“, во последниот број од весникот објавил повик до сите Македонци во Бугарија да влезат во Македонија со оружје и да се борат за ослободување на Македонија.

Поради неговите текстови во кои за Македонците пишувал дека се посебен народ, бугарска влада на чело со Стефан Стамболов го апси Караѓуле, и заедно со други Македонци го осудува на смрт со бесење во таканаречениот „Македонски процес“.

За мачењата во софискиот затвор овој македонски патриот самиот си ја напишал песната „Послушајте патриоти“.

Неговата жена Клио Караѓулева, во 1897 година, за овој настан објавува книга, која сѐ уште е забранета во Бугарија, со наслов „Едно сведоштво за себичниот тиранин Стефан Стамболов“, во која го опишува целиот настан.

КОЈ Е АЛЕКСАНДАР КАРАЃУЛЕ?

Александар Караѓуле – Охридски е македонски национален деец од крајот на 19. век.
Караѓуле во тоа време живеел во Софија и се залагал за македонска национална посебност, продолжувајќи го на тој начин отпорот на Македонците против бугарската црква – Егзархијата и нејзината пропаганда за побугарчување на Македонците.

Во тој период Македонците немале своја матична црква, затоа што по заслуга и клеветење од Грците, во далечната 1767 година Охридската Архиепископија која била најстара православна црква на Балканот, била укината од турскиот Султан.

Еден век подоцна, во 1870 година, покрај веќе постоечката грчка Патријаршија, турскиот Султан и дал дозвола и на бугарската Егзархија да биде посебна црква на територијата на турската империја.

Бугарите едвај го чекале тој момент, за да ја почнат својата пропаганда во Македонија.
Благодарение на црковно-словенскиот јазик, кој на Македонците им бил поблизок од грчкиот јазик, бугарската Егзархија почнала да ја истиснува грчката Патријаршија од територијата на Македонија, и Бугарите почнале да назначуваат свои свештени лица, свои учители, на територијата на цела Македонија.

Со тоа од 1870 Бугарите почнале масовно да ја шират својата бугарска пропаганда врз македонскиот народ.

На сите Македонци кои посакале таму да ги задоволуваат своите верски потреби, им биле давани документи дека тие се Бугари и врз нив била вршена перфидна духовна и културна пропаганда (преку просветата и сл.), со цел истите да го прифатат бугаризмот.

Оваа нова пропаганда наишла на отпор од страна на Македонците, а еден од нив бил и охриѓанецот Александар Караѓуле.

Александар Караѓуле Охридски во тој период (1885 година) работел како одговорен редактор на весникот „Македонски глас“ (и тоа почнувајќи од бројот 5. па до неговото укинување).

Во последниот број од овој весник објавен е повик до сите Македонци во Бугарија, со оружје да влезат во Македонија (тогаш под турска окупација) и да се борат за нејзиното ослободување.

Интересно е дека оригиналните примероци од овој весник (кој дејствувал на чиста македонска национална основа) денес се кријат во Бугарија и истите се недостапни за пошироката (дури и научна) јавност.

Александар Караѓуле бил главен организатор и на Македонското читалиште во Софија (околу 1889 година).

Под изговор дека е учесник во дејства против тогашната бугарска влада на Стамболов, Александар Караѓуле Охридски, е уапсен заедно со други Македонци, и во 1892 од страна на Софискиот суд е осуден на смрт.

По тешките измачувања, Караѓуле истата година е обесен во затворот во Софија.

За ѕверствата на кои биле изложени Македонците во бугарските затвори, подоцна пишувал и тогашниот бугарски весник „Согласие“, кој во својот број од 15.06.1894 година, известил дека затворениците во Софија биле: „ затворени во гнасни затвори, каде трпеле со денови, недели и месеци ужасни мачења. Најмногу биле тепани со песочни торби, коишто, без да остават видливи знаци, создаваат тешки внатрешни повреди…“

ПОСЛУШАЈТЕ ПАТРИОТИ

Послушајте патриоти
да ви кажам словото,
на Ѓуѓовден бев затворен,
в црни темни зандани.

Во зандани бев предаден
од проклети шпиони
од проклетите шпиони
и неразбрани трговци.

Во зандани бев измачен
ниту вода ниту леб,
телото ми потемнело,
долга риза до земја.

Немојте да ме мачите,
јас сум невин како цвет
сум се борел за слобода
за човечки правдини.

Ах да знае мојта мајка
гробот да ми ископа
гробот да ми го ископа
спрема јасното сонце.

И на гробот да напише,
тук почива маченик,
тук почива Александро,
Караѓуле Охридски.

ВЕЧНА МУ СЛАВА НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ СИН!

Душан Јаневски