Во рамките на посетата на делегацијата од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје на Универзитетот во Тирана, на која ректорите проф. д-р Биљана Ангелова и проф. д-р Артан Хоџа го означија отворањето на лекторатот по македонски јазик, беше организирана и работна средба во македонската амбасада.
Во разговорот амбасадорот Марковски ја претстави актуелната состојба во која се наоѓа Македонското национално малцинство и проблемите со коишто се соочуваат во нивните средни. Во таа насока ја истакна недоволната застапеност на македонскиот јазик во образовниот систем на Албанија, состојба на која укажува и Советот на Европа во своите заклучоци. Потенцираше дека изучувањето на македонскиот јазик единствено во регионот Мала Преспа не содејствува со стварните потреби на Македонците кои живеат во Тирана и поголемите градови. Состојба која во наредниот период во соработка со албанските власти ќе се настојува институционално да се промени низ разни форми за кои постојат можности.
Во однос на активностите на лекторката Славица Свидерска, Марковски ја изрази подготвеноста на Амбасадата да и даде целосна поддршка со цел успешно спроведување на нејзините задачи, особено вон факултетските активности. Истакна дека во следниот период Свидерска ќе биде претставена и пред македонските културни друштва со кои ќе може да сподели и свои идеи и активности, особено во делот на македонскиот јазик и култура.
Заеднички беше констатирано дека со отворањето на лекторатот е направен значаен исчекор во залагањето на македонските културни друштва и единствената политичка партија „Македонска алијанса за европска интеграција“ за зачувување на етничката, јазичната и културната посебност на Македонците во Албанија информираа од македонската амбасада во Тирана за Весник Македониум.
©Македониум