“Фактоје”: Притисоци и мито за македонското малцинство – институциите замижуваат со едно око и заглушуваат на едно уво

Медиумскиот центар “Фактоје” кој се занимава со верификација на фактите преку оценување на изјавите на јавните функционери и политичари, објави опширен текст за „бугарската битка во Пустец“, во кој по верификација на фактите околу обвинувањата на претседателот на МАЕИ и поранешен пратеник, Васил Стерјовски, истите ги оценува како вистинити.

-Последното бојно поле на историскиот судир меѓу Бугарија и Северна Македонија се чини дека се случи во прекрасното село Пустец. Обвинувањето на поранешниот пратеник во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, за мешање и притисок од Бугарија за вештачко создавање малцинство таму, и покрај јавните факти, беше игнорирано од албанските власти и покрај сомнежот што паѓа на интегритетот на процесот и автентичноста на информациите што ги дадоа граѓаните под притисок, наведува центарот во поднасловот „ Притисоци и мито за македонското малцинство – институциите замижуваат со едно око и заглушуваат на едно уво .“

Додава дека почетокот на процесот на прибирање податоци за граѓаните во рамките на оваа значајна статистичка операција, го врати вниманието кон феноменот на добивање бугарски пасоши а поранешниот пратеник во Парламентот на Албанија, Васил Стерјовски, претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, предупреди на мешањето од страна на Бугарија кон ова малцинство се со цел да се изјаснат како Бугари на пописот во 2023 година.

Наведува дека во октомври 2023 година, Албанија го започна пописот, при што Институтот за статистика ги собира и обработува податоците за населението, за потоа да објавува демографски, економски статистики итн. Дел од овој процес е и изјаснувањето на етничката припадност, кое се прави врз основа на самоизјаснување.

Токму тука, според поранешниот пратеник Стерјовски, се врши притисок врз граѓаните во селата каде што има мнозинство македонско малцинство.

-Знаевме дека овој пат Бугарија ќе го искористи единствениот инструмент, пасошите, за луѓето да се декларираат како Бугари. Од самот почеток на пописот, но и пред тоа, бугарската амбасада им се јавуваше телефонски на оние лица кои поднеле барање за пасош и бараше од нив да се изјаснат на пописот како Бугари и дека зборуваат бугарски јазик, во спротивно ќе им се прекини постапката за вадење пасош, пренесува “Фактоје” дел од изјава на Стерјовски.

За да се разбере наводната интервенција против македонското малцинство во Пустец и пошироко, центарот „Фактoје“ направил верификација на обвинувањата на поранешниот пратеник Стерјовски, врз основа на информациите собрани од негова страна.

-Од почетокот на пописот, бугарскиот амбасадор почна да ги посетува областите каде што има македонско малцинство. Вториот ден од пописот појдоа во Голо Брдо да поделат подароци. Отворено водеа кампања на вториот ден од пописот, обвинува Стерјовски.

На 15 септември, три дена пред почетокот на пописниот процес, во официјална посета на Албанија дојде потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која се сретна со албанскиот претседател, претседателката на Собранието, вицепремиерката Белинда Балуку и министерот за внатрешни работи Таулант Бала.

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, бугарската потпретседателка вели дека „од највисоко ниво добила гаранции дека националниот попис на населението во Албанија ќе се спроведе според највисоките европски стандарди, почитувајќи ги правата на сите етнички заедници, вклучително и бугарската“.

„Предизвик“ го нарече бугарската потпретседателка одржувањето на пописот во Албанија, процес за кој рече дека Бугарија ќе го следи „со надеж дека сè ќе биде во ред“.

Бугарската потпретседателка за време на посетата отпатува и во областите на Албанија каде што има македонско малцинство, како Голо Брдо, Големо Острени и Елбасан. Дел од придружната делегација на бугарската потпретседателка беше и граѓанинот Спас Ташев. Последниот, поранешен советник на бугарската влада, денеска нема никаква официјална функција.

– Ова лице на 30 септември 2023 година на својата Фејсбук страна објави фотографии од пописниот лист во Албанија, обвинува поранешниот пратеник Стерјовски, обезбедувајќи и фотографии од наведената објава.

Според Стерјовски, придружникот на бугарската потпретседателка на средбите во областите на македонското малцинство во Албанија, Спас Ташев објавил фотографии на одговорите дадени од албанските граѓани во процесот на пописот 2023 година, податоци кои се заштитени со закон како чувствителни и лични податоци.

„Благодарност до моите пријатели во Албанија кои ми испратија фотографии од нивните одговори на пописот кои покажуваат дека тие се самодекларирале како Бугари кои го зборуваат бугарскиот јазик. – стои во објавата од 30 септември, на социјалната мрежа Фејсбук, каде оваа објава сега не е достапна.

Она што сè уште е јавно на мрежата е написот на Спас Ташев според кој „изјаснувањето на етничката припадност на неговите бугарски сонародници на албанскиот попис ќе зависи пред се од бугарската дипломатија“.

Подигнувајќи тврдења за ризикот од промена на реалниот резултат, ова тврдење го поддржа и потпретседателката Јотова, според Ташев кој пишува дека „проблемот“ со запишувањето на етничката припадност на населението кое живее на границите на Република Албанија станало јасен во февруари годинава, кога ИНСТАТ (Завод за статистика) направи пилот тест за пописот на населението.

Ташев, кој вели дека ги видел резултатите од овој пилот тест, вели дека „тогаш членовите на комисиите биле под влијание на Скопје и само еден Бугарин бил регистриран во регионот на Мала Преспа, иако луѓето пред нас изјавија дека ја декларирале својата бугарска припадност “.

Центарот во текстот наведува дека „податоците на кои Ташев се повикува ИНСТАТ никогаш не ги објави“.

Друг облик на притисок и влијание што Стерјовски го посочува дека се врши врз македонското малцинство е влијанието преку подароци и отворени јавни закани.

„На денот на почетокот на пописот во Албанија, Фондацијата Македонија упати јавни закани кон граѓаните кои поднеле барање за бугарски пасош, вели Стерјовски посочувајќи на објавата споделена на социјалната мрежа Фејсбук од лицето Виктор Стојанов.

Објавата, која сè уште е јавна на Фејсбук, според центарот, е самообјаснувачка, зашто Стојанов јавно ги повикува граѓаните во Албанија кои сакаат да поднесат барање за бугарски пасош според потеклото, да се изјаснат како Бугари на пописот а неговите објави на Фејсбук започнаа најмалку 1 месец пред почетокот на пописот во Албанија, со најава дека тој лично ќе биде во Пустец за време на процесот.


-Овој човек е од екстремната десница на Бугарија, претседател на фондацијата Македонија во Софија, и во последните години имавме многу проблеми со него, особено во Пустец. Доаѓаше многу пати, и има направено инциденти со други десничарски екстремисти од партијата АТАКА. Имаме сомнежи дека можеби се под руско влијание бидејќи гледаме дека отворено ја поддржуваат Русија. Ние предупредивме на ова лице уште пред да започне пописот, објаснува Стерјовски покажувајќи фотографии од јавни закани што Стојанов им ги делел на Албанците кои аплицираат за бугарски пасош.

На тоа центарот додава дека во многу наврати на социјалната мрежа Фејсбук Виктор Стојанов се појавувал како дели подароци во областите на Албанија каде што се тврди дека постои бугарско малцинство и нагласува дека датумите се совпаѓаат со оние на пописот во Албанија.

-Меѓу другото, Стојанов сподели и фотографија од еден таблет на кој се прикажани прашањата од пописот во 2023 година и одговорите дадени од испитаниците. На фотографијата може да се види таблетот што го користел ИНСТАТ (Завод за статистика) за собирање на податоците на населението за пописот во 2023 година, како и прашањето за етничката припадност, за кое граѓанинот Гезим, кој ги дава одговорите, се изјаснил како Бугарин, посочува “Фактоје”.

Ова, според поранешниот пратеник Стерјовски, бил голем притисок врз оние граѓани кои можеби се во процес на добивање бугарско државјанство, кои сметаат дека информациите што ги даваат како одговор при пописот на ИНСТАТ не се тајни и „може да се искористат против нив“.

Градоначалникот на општината Пали Колефски изјави дека ова лице не дошло во Пустец за време на пописот.

-Видов што напиша на социјалните мрежи. Ова лице го пријавивме во албанската полиција дека во текот на пописот не треба да влијае или да биде присутен барем во тој период. Затоа што лошо влијаеше. Поднесовме пријава доколку се обидеше да дојде, но тој воопшто не се приближи овде. – изјави Пали Колефски за „Фактоје“.

Барање да не се дозволи Виктор Стојанов да влезе во Албанија за време на пописот упати и партијата Македонска алијанса за европска интеграција – известува Стерјовски – но таа не била земена предвид од албанските власти и Стојанов невознемирен влегол во Албанија.


Веродостојноста на процесот е уште потежок кога податоците за граѓаните на Пустец ги објавуваат медиумите пред крајот на собирањето податоци од ИНСТАТ.

ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ И ЗАКОНОТ НА МАЛЦИНСТВАТА

Според Васил Стерјовски, сите овие форми на притисоци, но особено оној на „пронаоѓање со име“ на лицата кои на пописот се изјасниле како Бугари или не, доведуваат до искривување на резултатот. Ова затоа што недостигот на доверба на еден редовен и таен процес на попис на населението, носи како последица можност за лажни одговори.

На тоа “Фактоје” потсетува дека според Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, слободната самоидентификација во рамките на пописот на населението и другите процеси на собирање податоци започнува со слободното одлучување на поединецот.

-Слободната самоидентификација на една личност може да се доведе во прашање само во ретки случаи, како на пример кога не се заснова на добра волја. – пишува во Конвенцијата на Советот на Европа. Документот на Советот на Европа понатаму нагласува дека „регистрацијата на самоидентификација во случај на идентитетот на малцинството не треба да се наметнува однадвор.

Двата основни критериуми на пописот преку самоидентификација се нарушени, нагласува Стерјовски.

Васил Стерјовски оваа акција на Бугарија ја нарекува дел од нејзината стратегија за вештачка асимилација на македонските малцинства во регионот. Доказ за тоа, според него, е фактот што иако во пописите на ИНСТАТ прашањето за етничката припадност отсекогаш било со самоидентификација, во пописот од 2011 година не се појавил ниту еден Бугарин во ниту една област на Албанија.

-Бугарското малцинство за првпат беше признаено со измените на законот за малцинствата во 2017 година, во време кога во Албанија немаше такво малцинство. Според овој закон, секоја област каде што 20% од населението припаѓа на малцинска група има обврска да го користи јазикот на тоа малцинство во училиштата, службените документи, патната сигнализација. Ова е тоа што сака да го постигне Бугарија, смета Стерјовски.

По верификување на фактите, медиумскиот центар “Фактоје” кој е единствениот медиум за проверка на факти во Албанија кој ја поттикнува и промовира одговорноста заснована на правото на информирање и транспарентност, написот го завршува со констатација, дека обвинувањата на Стерјовски се вистинити.

-И без оглед на целта и стратегијата што ја избрала бугарската држава, она што го покажуваат објавите на социјалната мрежа Фејсбук е влијанието што е извршено врз жителите на областите каде што живее македонското малцинство да се изјаснат како Бугари на пописот и на заканите за недавање или одземање на бугарското државјанство за оние кои го стекнале ова право. Врз основа на јавните податоци, обвинувањата на поранешниот пратеник Васил Стерјовски ги сметаме за вистинити, заклучува на крајот „Фактоје“.

©Македониум

https://faktoje.al/censi-dhe-beteja-bullgare-ne-pustec/?fbclid=IwAR2Aqoa4d9r6xID6nPiN9nDq8PwpVDUuP3Uok-E0TJDMkOeyRmhxEwHGNHU