Во организација на Движењето за промоција на македонскиот мајчин јазик “Крсте Мисирков“ од Лерин и организацијата Обединета македонска дијаспора, на 21 октомври 2023 година, во хотелот “Холидеј Ин“ во Солун, се одржа Форум за човекови права.
На Форумот за човекови права се расправаше за унапредувањето на положбата и правата на националните малцинства во Грција во согласност со меѓународното право.
На Форумот присуствуваа и претставници на Турската заедница во Грција, од Партијата за пријателство, еднаквост и мир, официјално позната како Komma İsotitas İrinis Ke Filias или накратко KIEF (на труски: Dostluk Eşitlik Barış Partisi – DEB Partisi), основана во 1991 година од Сад’к Ахмет (Sadık Ahmet), која дејствува во Грција и ги брани правата на турското малцинство во Западна Тракија, а чиј претседател од 5 јануари 2019 година е Чигдем Асафоглудур (Çiğdem Asafoğlu’dur).
На форумот за човекови права во Солун зборуваа: Али Али Дај’ Хусеин (Ali Ali Dayı Hüseyin) потпретседател на Партијата за пријателство, еднаквост и мир (ДЕБ); Корај Багдатл’ (Koray Bağdatlı) член на Централниот извршен одбор на ДЕБ партијата; Первин Хајрулах (Pervin Hayrullah) генерален директор на Компанијата за култура и образование на малцинствата во Западна Тракија (БАКЕШ – Batı Trakya Azınlık Kültür ve Eğitim Şirketi – BAKEŞ); и Ахмет Каран’н (Ahmet Kara’nın) претседател на Турското здружение Енчуменлер (Encümenler).
Форумот за човекови права ја одбележа 100-годишнината од ратификацијата на Протоколот за заштита на малцинствата во Грција од страна на Владата во Атина, потпишан во Севр (Франција) на 10 август 1920 година, ратификуван од грчкиот парламент во 1923 година. И покрај обврските на Хеленската Република, законските гаранции за заштита на малцинствата никогаш не биле спроведени. Суспензијата на Протоколот од 1923 година од Владата во Атина прерасна во насилство и терор врз малцинствата!
На Форумот присуствуваа и претставници на организациите NPLD и FUEN, познатиот лингвист од Универзитетот во Чикаго, д-р Виктор Фридман, делегација единсвената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), експерти по меѓународно право и малцински права, како и активисти за човекови права.
Со свои обраќања во расправата на Форумот за човекови права во Солун учествуваа архимандритот Никодим, претседателот на ОМД Методија Колоски, Гордан Јорданов координатор на ОМД за Европа, потпретседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Трајче Димков, Евгенија Нацулиду, Христос Прицкас, претседателот на Грчкиот Хелсиншки комитет Димитрас Панајоте, претседателката на Групата за малцински права на Грција, Нафсика Папаниколату и други.
NPLD (The network to promote linguistic diversity) e Европска мрежа за промоција на лингвистичката различност која работи на полето на јазичната политика и планирањето на уставните, регионалните и јазиците на малите држави ширум Европа. Во НПЛД членуваат влади и национални и регионални, универзитети и други асоцијации.
FUEN (The Federal Union of European Nationalities) е Федералната унија на европските националности која ги застапува интересите на европските малцинства на регионално, национално и на европско ниво. Во ФУЕН како најголема европска чадор организација на автохтоните национални малцинства во Европа членуваат повеќе од 100 организации во 36 европски земји.
Форумот ги утврди следните заклучоци: апел за крај на институционалната дискриминација врз националните малцинства во Грција; воспоставување институционални механизми за заштита на правата и слободите на националните малцинства во Грција – на образование, информирање и вероисповед; еднаков пристап за сите до образование, вработување и јавни услуги, независно од етничката, јазичната, културната и верската припадност; поттикнување на меѓукултурниот дијалог; поддршка на културните манифестации и охрабрување на учеството во јавниот живот за националните малцинства; и зголемување на мониторингот во реализацијата на обврските од меѓународните договори.
_____________________
1920 година, Друштвото на народите, пристапи кон склучување Договор за заштита на потиснатите народи во државите на Европа.
Со Договорот се прецизираат должностите на државите во кои живееле и други народи (обесправени староседелски народи или малцинства), во однос на обезбедувањето граѓанска и политичка рамноправност.
Оваа акција од Друштвото на народите е иницирана заради страдањата на народите што по балканските војни, што по I светска војна. САД како Голема сила, се ангажираат особено заради македонскиот народ, а за кого размерите од разорноста на балканските војни не ни можеа да се увидат целосно, зашто почна I светска војна, со која доживеа нови страдања. Окупаторите на Македонија, беа притиснати од Големите сили да се обврзат со Договор во однос на правата ако сакаат воопшто да ги имаат новите сеуште нестабилни граници (новите граници ќе беа важечки според пост-воените договори дури по ратификацијата од Големите сили). Соседните држави на Македонија беа подготвени да потпишат секакви одговори само да си ги задржат окупираните делови од Македонија и Македонскиот народ од Балканските војни и Првата светска војна.
На 10 август 1920 година таков Договор за заштита на негрчките народи во Грција, Големите сили потпишаа со Грција, наречен уште Севрски договор, според местото Севр – Франција, каде е потпишан. Грција на староседелците и малцинствата им го гарантира животот, имотот и слободата, како и граѓанските и политичките права, слободна употреба на мајчиниот јазик во секој поглед. Таа била задолжена да обезбеди специјален буџет за непречен развој и функционирање на училиштата на негрчките народи. Како посебно важни ќе ги издвоиме членовите 7, 8 и 9 од Договорот:
Член 7: “Сите грчки државјани ќе се ползуваат со еднакви граѓански и политички права без разлика на националност, јазик и религија. Посебно, Грција се задолжува во срок од три години по стапувањето во сила на овој Договор да воведе еден изборен систем, кој ќе води сметка за националните малцинства. Нема да биде озаконето никакво ограничување против слободната употреба од секој грчки граѓанин на било кој јазик, било во приватните или трговските односи, било во областа на религијата, печатот или изданијата од секој вид, или најавните собири.”
Член 8: “Грчките граѓани кои им припаѓаат на посебни национални, верски и јазични малцинства, ќе уживаат право на исто третирање, на исти граници, како и на другите грчки граѓани. Тие ќе имаат, на пример, еднакво право да отвараат, управуваат и контролираат на свои трошоци добротворни, религиозни и општествени установи, училишта и други воспитни институции, со право во нив слободно да го употребуваат својот сопствен јазик и да ја извршуваат својата религија.“
Член 9: “Во врска со просветата, грчката влада во градовите и околиите каде живеат поголем број граѓани кои не зборуваат грчки ќе им даде соодветни олеснувања, за да може на тој начин да им се обезбеди на децата на тие грчки државјани во основните училишта да се учат на нивниот мајчин јазик…“
©Македониум