СЕ ОДРЖА ЧЕТВРТИОТ КОНГРЕС НА МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА ЗА ЕВРОПСКА ИНТЕГРАЦИЈА

На 29 јули 2023 година во градот Корча во Република Албанија се одржа Четвртиот конгрес на единствената Македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција. 81 делегати од цела Албанија – од Тирана, Каваја, Елбасан, Драч, Гора, Голо Брдо, Преспа, Врбник, Корча, Подградец и Билишта, усвоија ивештај за работа на Македонската партија за периодот 2019-2023 година и ги избраа нејзините органи за наредниот четиригодишен мандат од 2023-2027 година.

На Конгресот присуствуваа претставници на Грчката заедница, Влашката заедница, Ромската заедница и Еѓиптјанската заедница во Албанија.

На Конгресот како гости присуствуваа и министерот за внатрешни работи на Македонија Оливер Спасовски, делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски, делегација на Виножито од Грција, предводена од Павле Воскопулос Филипов, делегација на Светскиот Македонски Конгрес предводена од претседателот Тодор Петров, делегација на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград, Србија предводена од претседателката Лидија Демниева, делегација на Матицата на иселениците од Македонија предводена од претседателот Иван Џо Петрески, делегација на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада предводена од Славко Манговски, делегацијата на Македонската обединета дијаспора од САД предводена од претседателот Методија Колоски, делегација на ИНТЕГРА предводена од Анита Китановска, делегација на Македонската Горанска заедница од Косово предводена од Аце Димоски, македонска делегација од ОМО ИЛИНДЕН Пирин од Пиринскиот дел на Македонија предводена од Руси Златанов, Трајче Димков од здружението на Македонците по постекло од Егејска Македонија, “Мирка Гинова”, Никола Костурски, поранешен претседател на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија, амбасадорот Ристо Никовски и в.д. амбасадорот на Македонија во Тирана Љутим Спахиу.

Четвртиот Конгрес за членови на работното претседателство ги избра Таќо Гроздани претседавач и Ендрит Фетаху, Едмонд Османи, Сокол Докле и Елса Џелили, а на предлог на работното претседателство за членови на Верификационо-изборната комисија ги избра Кристијан Трајче за претседател и членови Гоце Вурмо и Јани Колефски, за записничар Здравко Нечовски.

Конгресот го отвори Сара Џелили од Елбасан и започна со едноминутно молчење во чест на македонскиот активист од Албанија, Спасе Вурмо кој почина минатата година. Четвртиот Конгрес имаше свечен и работен дел. Во свечениот дел присутните делегати и гости со пригодни обраќања ги поздравија: Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Македонија; Ѓорѓија Сајкоски, пратеник и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ; Љутим Спахиу, заменик амбасадор во Македонската амбасада во Тирана; Едмонд Петрај претставник на Влашката заедница во Албанија; Денис Костури претставник на Ромската заедница во Албанија; Лигораќ Карамело претставник од Грчката заедница во Албанија; Мети Рапи претставник на Еѓиптјанската заедница во Албанија; Ристо Никовски, поранешен амбасадор на Македонија во Тирана; Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес; Павле Воскопулос, претставник на Виножито, партија на Македонците во Грција; Руси Златанов, претставник на ОМО Илиден Пирин, партија на Македонците во Бугарија; Методија Коловски, претседател на Обединета Македонска Дијаспора; Лидија Демниева, претседател на Македонското друштво “Кочо Рацин“ од Белград, Србија; Ацо Димоски, координатор на Македонската-Горанска заедница од Косово; Трајче Димков, претставник од Здружението на Македонците на Македонците од Егејскиот дел на Македонија “Мирка Гинова“ од Штип; и проф.д-р Илија Богатиновски, претседател на Здружението НЕ-ИМА од Прилеп.

Поздравни телеграми до Четвртиот Конгрес на Македонска алијанса за европска интеграција упатија Ѓорѓија Џорџ Атанасовски од Флорида, САД и Ицо Најдовски во името на Македонската заедница во Австралија.

Д-р Бранислав Светозаревиќ Покорни имаше куса презентација на неговото дело “Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“.

Претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски додели посебни благодарници на поединци и организации за соработка со Македонската алијанса за европска интеграција и помош на Македонската заедница во Албанија, на Светскиот Македонски Конгрес, Обединетата Македонска Дијаспора, Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада и Босилко Аговски од Пустец кој живее во Канада.

Актерот, поет и режисер Игор Трпчевски од Прилеп пред присутните се претстави со рецитал “Поетски слем Македонија“.
По свечениот дел, делегатите во работниот дел го усвоија извештајот на Верификационо-изборната комисија дека на Конгресот присуствуваат 81 делегати и Конгресот може полноважно да работи и одлучува.

Извештајот за работа на Македонска алијанса за европска интеграција од 7 септемви 2019 година до 29 јули 2023 година го прочита Марјана Костофска, кој делегатите едногласно го усвоија.

Конгресот за претседател на Македонска алијанса за европска интеграција за наредниот четиригодишен мандат 2023-2027 година повторно го избра Васил Стерјовски, кој имаше единствена кандидатура за претседател на партијата.

На предлог на работното претседателство, Конгресот го прогласи составот на Централниот комитет на Македонска алијанса за европска интеграција со мандат 2023-2027 година. Претседателите на регионалните и општинските организации ќе се кооптираат во составот на Централниот комитет по нивниот избор.

Потпретседателите, генералниот секретар, членовите на Извршниот комитет и работните тела на Македонска алијанса за европска интеграција за периодот 2023-2027 година, во согласност со Статутот, ќе бидат избрани на првата седница на Централниот комитет.

Конгресот за почесен претседател на Македонска алијанса за европса интеграција го избра проф.д-р Кимет Фетаху, основач на Македонска алијанса за европска интеграција.

Конгресот донесе Резолуција за унапредување на положбата и правата и слободите на Македонците во Албанија.
Со тоа Конгресот ја заврши својата работа, делегатите и гостите изразија задоволство од неговото одржување и резултатите од неговата работа.

©Македониум