Претседателот на единствената Македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски, одржа поздравен говор во Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) на Академијата по повод 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
Во свето обраќање на Академијата претседателот на МАЕИ рече: “Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам на денешната Академија по повод 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, од име на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција.
Упатуваме искрени честитки за прекрасната организација до Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН.
Македонците од Eгејскиот дел на Македонија зедоа активно учество во воените и политички формации во текот на Втората светска војна 1941-1945 и во Граѓанската војна во Грција 1946-1949, со своја изградена политичка програма која претставува платформа за заедничка борба на македонскиот и грчкиот народ за национално и социјално ослободување.
Македонците од Албанија се сведоци на егзодусот и голготата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија кога во 1949 година, колона со илјадници бегалци се повлекуваa од Грција во Албанија, минувајќи низ пределите населени со Македонци.
Поменот и споменот за жртвите од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година сведочи дека македонското прашање не е затворено. И по 75 години од егзодусот, Македонците од Егејскиот дел се исправени пред истиот предизвик – негирање на нивниот идентитет.
Македонците од Албанија ги подржуваат барањата на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија за враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права и за унапредувањето на положбата и правата и слободите на Македонците во Грција.
Мораме да бидеме единствени и обединети во борбата за правата и слободите на Македонците во сите земји на Балканот, на нашите древни македонски простори. Слава и помен за вечен спомен на сите знајни и незнајни јунаци и борци за слободата на Македонија. Никогаш повеќе да не се повтори егзодусот врз Македонците. Да живее Македонија и Македонскиот народ.“
©Македониум