Македонско традиционално јадење и народна носија од Мала Преспа претставени на настан во Тирана

Македонското друштво „Сонце” во Тирана учествуваше на активност во рамки на проектот „Иднината е во потеклото”, поддржан од Комитетот за национални малцинства при владата на Албанија.

На настанот организиран од припадниците на грчкото малцинство, кој се одржа на фармата Фустанела-Петрела, претставниците на малцинствата се претставија со традиционална храна и носии.

-За нас, како и за другите малцинства, ова е многу значаен настан, каде може да презентираме дел од нашата македонска традиција. Овој пат, како што се гледа, се претставивме со традиционалото јадење на Македонците од Мала Преспа, тава со крап, што е наш специјалитет, надалеку познат, како и со традиционалните носии од Мала Преспа, рече Васил Стерјовски, претседател на друштвото.

Присутните покажаа забележлив интерес за македонскиот штанд, а добар дел од нив вкусија од храната.

На активноста учествуваа и дипломати од дипломатскиот кор и претставници од централната и локалната власт.

На настанот присуствуваше и вториот човек во Македонската амбасада во Тирана, Лутим Cпахиу, кој ги поздрави присутните, како и Марјана Костофски, претставник на македонската заедница во Комитетот за национални малцинства.

Со Македонците од Мала Преспа беше и Кристијан Трајче, претседател на општинскиот комитет на Преспа на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и Васил Јанкула, попознат како Преспанскиот херој.

©Македониум