ТУМИЧКИОТ КАВАЛ

Mарт, двеилјади и деветта година. Случајно ми падна во рацете еден лист, еден документ, одлука на Извршниот комитет на Општина Корча, издадена во март во 1985 година со која партизанот Мире Р. Андони од село Туминец-Мала Преспа се признаваше за борец-паднат во Народноослободителната војна и од локалните власти на подрачјето на Преспа се бараше да се обезбеди една лична слика (фотографија) и кратка биографија на партизанот за да му се оддадеше почит на паднатиот борец така како што беше закопот и како што заслужуваше младиот Мире, кој го даде својот живот за мир, за слобода, за подобро утре, бореќи се херојски, некаде кон Сремска Митровица.

Читајќи го документот се скаменив, се впуштив во длабочините на минатото, сакав така мирно, кристално да размислувам, да ги средам мислите и настаните и да дојдам до некаков заклучок, некој одговор на многубројните прашања што се истопорија пред мене и како да бараа милост, поддршка, подадена рака од општеството за да се извлече неправдата. Но, никако не можев, никако да дознам зошто јас, скоро ништо не сум слушнал за тој партизан, за тоа младо момче на кое коските му гнијат некаде во заборав, а со својата млада турена крв ја навадил земјата за да расте прекрасното дрво на слободата. Добро јас, ами зошто и Другите не знаеја? Зошто Мире не беше во реденицата на паднатите херои на Преспа и да се славеше неговото име така како што се славеа и другите? Кај беа и кај се неговите роднини и пријатели? Кај се другите од неговата лоза? Што можам јас и дали можам да направам нешто за оваа голема неправда кон јунакот Мире да се исправи еднаш засекогаш? Со тие изметкани мисли тргнав кон неговото родно село Туминец.

Еден далечен роднина на Мире ми кажуваше.

„Рана пролет 1942 година. Под жешкото сонце се топеа и последните снегови од врвовите на Галичица која гордо се перче-ше на спротивната страна на селото Туминец и господареше со цела Преспа. Пролетта „беснееше” насекаде со сета своја сила и жар. Се натпреваруваа меѓу себе, кое и кое цвеќе да расцвета порано, кое и кое дрво да раззелени и да се искачи повисоко, кој и кој биљбиљ да испее поубава песна и да го привлече вниманието на партнерката со која, по целиот ден летаат во бескрајната природна убавина опиени од љубовната пролетна игра. Долу, покрај селото, се простираше големата кристална и бистра ширина на езерските води низ кои лудуваа мрените, кленовите, белвиците на чело со езерскиот цар крапот, кој сега веќе беше спуштен сосема долу, на крајот, низ шаварот, трската и бујната трева, каде што мирно се мрестеше и како будала не сакаше да знае за потисокот на риболовците кои ќе го поплавеа и ќе го фатеа како јагне. Насекаде вистинска, неопислива убавина. И во Преспа, и во Туминец животот вриеше со сета своја пролетна раскош. Горе, над селото, низ бујните шуми од фоја. смрека, бор, даб и др., низ зелените ливади полни со разнобојни цвеќиња, кои почнуваа од езерото, од манастирот Света Марена и завршуваа некаде кај границите со Горичка Планина, по целиот ден се слушаа ѕвонците и клапотарците на многубројните стада со кози и овци, се слушаа лаењето на овчарските кучиња, мелодиите на кавалите на младите овчари, меѓу кои делеше кавалот на Мире со својата блага, прекрасна, недостижна мелодија која, како да извираше од душата и срцето на младиот убавец и се ширеше во бескрајноста привлекуваки го вниманието на младите девојки и селските невести.

Ех, колку! И сами си знат срцата на селските девојки и невести колку страдаа тие слушајки ја мелодијата на кавалот на Мире, колку посакуваа тие да ги исфрлат метлите со кои ги метеа дворовите, да се искрадат од очите на мајките и бабите и да заминат таму, во бујните шуми, кај Мирета, кај убавецот, да се спуштат во цврстите прегратки на младиот и да го поминат пролетниот ден во лудата љубовна игра помеѓу цвеќата, на ледината, под високите дрва на фоите, кои допираа до небото со своите врвови, низ кои правеа гнезда птиците и тие пеејки прекрасни љубовни песни. Тој вистински рај сите тумички девојки и млади невести го сонував, но, помеѓу сите, таа среќа ја имаше само една, само убавицата Кита, која живееше кон крајот на селото, кон страната на Манастирот. За неа селаните велеа дека е вистинска самовила, излезена од длабочините на езерските води за да ги гори душите и срцата на момците: и младоженците од селото и пошироко до каде се дознало и слушнало за неа и за нејзината убавина. Кавалот на Мирета како да беше направен само за неа, како да свиреше само за неа. Мире, кавалот и Кита беа едно…”, ми кажа далечниот роднина на Мирета и, офкајќи, со бол кој се гледаше во неговото лице, од пазувите извади една извиткана тетратка која ми ја даде велејќи ми, „тука, во оваа тетратка, може да научиш нешто повеќе за нив…”. Таа тетратка беше дневникот на Мире.

Меѓу другото, во дневникот на Мире прочитав.

7 мај 1942

Драга Кито! Мила убавице! Ево, купив тетратка и молив и решив да пишам дневник. Ќе пишам за тебе, за мене за нашата љубов и, кога ќе се вратам дома, ќе го читаме двајцата. Знај мила дека не сум многу далеку од тебе, од нашето село. Тука сме крај едно пелистерско село и не делат само планината и езерото, значи само Пелистер и Преспанско Езеро. Ти, мила, немој да се грижиш за мене, не е многу тешко да се биде партизан. Ево, сторив три месеци откако сум дојден и сега се навикнав на овој живот. Ех, да ме видиш како ми прилегаат коланите со фишеци!… Еми, треба да ги сотреме, да ги истребиме сите поробувачи кои владеат над нас, над нашите имоти и не угнетуваат како сакаат. На тоа ние самите треба да му дадеме крај и да живееме како луѓе.

Сега, те молам, мила, чува се ти, чувај ми се само за мене, чувај го кавалот и, кога ќе се вратам, одма ќе одиме кон манастирот, крај езерото, кај нашето скришно и омилено место и, како некогаш, ќе се искапеме голи во езерските бистри води, ќе се љубиме под ладните сенки на фоите и смреките, ќе ги засвириме и испееме нашите омилени песни и, откако ќе се преумориме со песните и љубовните игри, ќе заспиеме прегрнати еден покрај друг над зелените постели од смреки и фоинки. Тогаш веќе ќе нема зошто да се криеме од очите на луѓето, нема зошто да се крадеш ти од мајка ти и баба ти бидејќи ќе се земиме, ќе бидеме маж и жена, како што си ветивме.

Ех, мори мила Кито! Само да се вратам, да засвирам со кавалот и ти да ми пееш покрај мене, та ништо друго не сакам! Само… Паметуваш, Кито, како велеа селаните …..само две убави нешта има во Мала Преспа, само горичката камбана и тумичкиот кавал се највредните нешта”. Ех! Сега, те бакнувам од далеку. Спиј ми, мила моја, и сонувај убави соништа!

14 септември 1942 година

Мила моја!

Има еден месец што сме префрлени тука, во прилепските околни места. Откако сме дојдени, скоро секој ден сме во акции. Значи правиме сè што треба за да му наштетиме на непријателот за тој да се повлекува и да бега од нашите места. Од страна на окупаторите има многу погинати, но, за жал, има и неколку наши партизани што го дадоа животот за слобода.

Мила Кито! На непријателот му се тресе земјата под нозете. Денот на слободата е блиску. Така ни велеше и комесарот. Затоа ти немој да се секираш оти јас бргу ќе се вратам и, потоа, сè се знае… Ќе направиме голема и прочуена свадба. Ќе ги поканам и сите мои тукашни другари, како и командирот и комесарот. Сега, мила, извини. Мора да прекинам поштом свири тутурката. Можеби ќе одиме некаде во напад…

18 јули 1943 година

Убавице!

Синоќа пак те сонував. Те сонував облечена во бела промена и ми личеше како пеперутка, како планинска самовила која ноќе слегува да се мие во езерските води. Ех, колку убава беше! Трчаше од ридот надолу, кон мене, а јас те чекав со отворени прегратки, таму долу, покрај езерото. Но, ти, наместо да долеташ во моите прегратки, се спушти право, во езерските води. Потоа јас се скаменив и те гледав како тонеш во водата. Одма помрднав, се прекрстив, како да ми даде сила Св.Марена и се пуштив во вода, по тебе. Испливав, те фатив, те приграбив преку половина и, пливајќи, те извадив на брегот. Те кренав, те однесов на лединката, те легнав на плеќи а ти, ме гледаше и се смееше, ги спушти рацете, ме прегрна и ме вовлече над тебе, над твојата снага. Се бакнавме страсно и ти ми рече: „Будалче мое! Само сонуваш!…”. И навистина, тогаш се разбудив и разбрав дека тоа беше само сон, убав сон кој сакав да трае за целиот мој живот. Убавице! Ни велат дека откако ќе ги ослободиме овие места, ќе патуваме накај Солун за да го ослободиме и тој дел на Македонија. Тогаш, кога ќе тргнеме на пат за Солун, можеби Господ ќе помогне за да се видиме на минување…. Ех, ако биде така!… Не знам за тоа, но знам дека еден ден ќе ти се вратам со венецот на слободата и тогаш… Извини мила… Ме викаат….

22 октомври 1944

… Срце мое! Не знам што да пишам… Се наоѓаме некаде кон Сремска Митровица. Така ги викаат овие места каде што денес се наоѓаме. Мислевме, и така ни велеа, дека ќе одиме да го ослободиме Солун, но, за жал, ништо не бидна од тоа. Ги немаме помеѓу нас и нашите добри и драги командири и комесари. Којзнае што стана со нив. Не знам што ќе биде понатаму. Ни велат дека борбата е заедничка и дека еден ден сите народи ќе бидат ослободени и обединети. Не знам како е и кај нас, како сте вие …

Нам не ни остана ништо друго освен да се надеваме. Мила моја, да го молиме Бога и да се бориме се дури да го истребиме и последниот непријател од нашите заеднички места.

Тебе, те молам, оди кон Манастирот, запали свеќа и моли се за нас, моли го Бога за тебе, за мене и за нашите деца, кои ќе ги изродиме откако ќе се земеме… Мора да прекинам мила Кито! Си одам! Тутурката свири, ме викаат…. Тоа беше последното пишување на дневникот на Мире.

Потоа Мирета го убија некаде, на фронтот. Го закопале таму, со другите паднати борци, кои биле стотици. Дневникот го зел еден од неговите другари и, откако јас, по војната, отидов да го барам Мирета, оти тој не се врати дома иако беше завршена војната, дневникот ми го даде еден битолчанец, другарот на Мирета, кој го зел од па- зувите на Мирета. Битолчанецот ми го даде и, плачејќи ми велеше: Ево, како што гледате, и дневникот е прободен и облеан со крвта на Мирета. Го пробол тој проклет куршум што го прободе и срцето на Мирета, поштом Мире го носеше со него, во пазувите…”

СПАСЕ МАЗЕНКОВСКИ