Кристиан Трајче избран за претседател на Општинскиот комитет на МАЕИ за Преспа

– За нов претседател на Општинскиот комитет на партијата Македонска алијанса за европска интеграција МАЕИ е избран Кристиан Трајче од село Туминец, Општина Пустец.

На состанокот присуствуваше раководството на партијата, претседателот Васил Стерјовски, генералниот секретар Таќо Гроздани и потпреседателот на МАЕИ за делот на Преспа Ефтим Митревски.

– Искрено се радувам на изборот за претседател на Општинскиот комитет на Македонска алијанса за европска интеграција за Преспа. Благодарност изразувам на сите членови на партијата што ми ја доверија оваа чест и одговорност. За мене е голема чест да бидам дел од оваа партија, која се бори за правата на Македонците во Албанија и ќе дадам се од себе за напредок на нашата македонска заедница, изјави Кристиан заблагодарувајќи се за дадената доверба.

Партискиот лидер, Стерјовски му го честиташе изборот и му посака многу успех и среќа во неговата работа.

– Кристиан Трајче е млад и перспективен Македонец кој потекнува од почитувано семејство од село Туминец. Селото Туминец има големо значење во историјата на Македонците во Албанија, бидејќи дало многу комити и партизани кои се бореле за слобода на Македонците. Како патриотско село, тоа е и најмногу репресирано во комунистичкиот систем. Моја желба но и на раководството на партијата беше да претседателот на Општинскиот комитет на партијата за Преспа да биде токму од ова село. Ние веруваме дека Кристиан со неговата ангажираност и посветеност ќе биде успешен во својата работа и ќе ја исполнува со гордост и чест својата улога како претседател на ОК за Преспа во заштита на правата и интересите на македонската заедница во Албанија, изјави Стерјовски.

Дваесет и три годишниот Кристијан Трајче е студент на Биотехничкиот факултет во Битола.

На состанокот донесена е и одлука, МАЕИ, во соработка со општина Пустец да подигнат спомен обележје во селото посветен на сите борци за слобода од ова село, од Илинденскиот период и Втората светска војна, што е повеќегодишно барање на Македонците од Туминец, Мала Преспа.

©Македониум