Стерјовски ја посети Митрополијата во Корча по повод Велигден

Лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски беше во посета на седиштето на Митрополијата во Корча, каде беше примен од корчанскиот митрополит Јован.

– Во Корчанската митрополија бев на традиционалната посета по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. На митрополит Јован му го честитав празникот и му посакав добро здравје, радост, мир и спокојство, информираше Стерјовски за МИА.

Од негово, од име на партијата и Македонците тој упатил честитка и до верниците кои го слават празникот, посакувајќи им многу здравје, љубов и среќа.

– На корчанскиот митропилит му пренесов дека македонските верници во Албанија со нетрпение очекуваат што побрзо да се воспостават канонски односи меѓу Албанската автокефална православна црква (ААПЦ) и Македонската православна црква (МПЦ), на што митрополитот Јован одговори дека Синодот на албанската православна црква ја поздрави одлуката на Вселенската Патријаршија за враќање на МПЦ-ОА во канонско единство на православните цркви и дека наскоро се очекува признавање на Македонската православна црква (МПЦ) од страна на Албанската автокефална православна црква (ААПЦ), додаде Стерјовски.

Во овој контекст, посочи тој, на митрополитот Јован му предложив воспоставувањето на канонски односи меѓу албанската и македонската црква да се одбележи со заедничко богослужење во подрачјето на Преспа, општина Пустец заедно со митрополитот Преспанско-пелагониски Петар или некој друг миторполит од МПЦ-ОА, предлог што е прифатлив за митроплитот Јован.

– Со корчанскиот миторполит Јован раговаравме и за состојбата со македонските верници и со верските објекти во Мала Преспа и единствениот манастир во ова подрачје, манастирот „Света Марина“ во Туминец, каде со благослов на митрополитот Јован и донации на Македонците од Канада започната е изградбата на камбанаријата, рече тој.

На приемот Стерјовски бил придружуван од Нико Андон, член на Извршниот комитет на МАЕИ.

©Македониум