Амбасадорот Марковски и деканката на Факултетот за странски јазици во Тирана разговараа за реактивирање на македонскиот јазик

Македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски, денеска оствари официјална средба со деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида пренесува весник Македониум.

Целта на разговорите на оваа средба беше продлабочување на соработката меѓу соодветните академски институции од двете земји.

– Н.Е. проф. д-р Данчо Марковски, кој доаѓа од академскиот свет, се задржа на напредокот на политичките и економските односи меѓу двете земји, зголемувањето на бројот на посетители во двете земји, потребата и волјата за поголема соработка во областа на високото образование. Во однос на последното, покрај карактеристиките на почитувањето на правата на македонското малцинство во Албанија во предуниверзитетското образование во однос на учењето на македонскиот јазик, во областа на високото образование меѓу двете земји, Н.Е. проф. д-р Данчо Марковски како достигнување го оцени неодамна склучениот договор за меѓусебно признавање на дипломите меѓу двете соседни земји, стои во официјалното соопштение на Факултетот за странски јазици.

Од своја страна, деканката на Факултетот за странски јазици, проф. д-р Есмералда Кромида ја истакна важноста од наставата на странски јазици и особено регионални јазици како неопходност за вклучување во наставните програми, што ќе даде поттик за консолидација на заеднички простор на вредности и принципи во Западен Балкан и интернационализацијата.

Проф. д-р Есмералда Кромида исто така изјави дека неколку истражувачки проекти кои се развиваат на Факултетот за странски јазици имаат свој предмет на проучување, а тоа се лингвистичкиот пејсаж во земјата и потребата од изработка на функционална јазична политика за Универзитетот во Тирана и пошироко. Нудењето воннаставни модули на странски јазици на студентите на постоечките програми и потоа нивното препознавање заедно со елементите на студиската програма во постојните наставни планови ќе биде еден од начините за започнување со имплементација на оваа јазична политика.

Присутните имаа конкретни разговори за продолжување на соработката во прашања поврзани со:

– реактивирање на македонскиот јазик во постојните наставни програми на Факултетот за странски јазици, како трет јазик изучуван како воннаставен предмет;

– склучување на други рамковни договори со партнерските универзитети од Република Македонија;

– организирање летна школа за ученици со фокус на македонскиот јазик и култура;

– воспоставување соработка со Македонскиот културен центар во Албанија;

Македонскиот амбасадор Н.Е. проф. д-р Данчо Марковски, наскоро ќе одржи отворено предавање за студентите и колегите од Факултетот за странски јазици за албанско-македонските односи и динамиката за иднината.

©Македониум