Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), на локалните избори што во Албанија ќе се одржат на 14 мај, ќе биде во изборна коалиција со владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама.
Договор е постигнат на денешната средба во Пустец, која со највисокото раководство на партијата, предводено од лидерот Васил Стерјовски, беше одржана со Нико Пелеши, пратеник од изборната единица Корча и актуелен министер за одбрана.
Веста најпрво ја објави Пелеши на Фејсбук, а за МИА ја потврди и Стерјовски.
-Денеска се сретнавме со претседателот Васил Стерјовски и со високи претставници на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, од сите области на Албанија, од Голо Брдо, Тирана, Елбасан, Поградец, Корча и Пустец. Алијансата на Социјалистичката партија на Албанија и МАЕИ ќе продолжи да биде долгорочна, да прави добри работи за прекрасниот крај на Преспа и секаде каде што живеат и работат нашите браќа и сестри од македонското малцинство. Пали Колефски, градоначалникот на Пустец, на 14 мај повторно ќе се натпреварува и ќе победи како предлог на СП и МАЕИ, напиша Пелеши.
Стерјовски за МИА изјави дека партијата го поддржува Колефски, кој втoрпат ќе ја побара довербата на жителите на општина Пустец.
-Во општина Пустец ќе имаме своја кандидатска листа за советници, бидејќи според изборниот законик само тука може да истакнеме самостојна листа, зашто на последните избори во 2019 година единствено тука имавме наша листа. За учество во други општини потребно беше собирање потписи, па затоа одлучивме да настапиме заедно со социјалиситите. Тоа подразбира дека во другите општини, каде што концентрацијата на Македонците е поголема, во кандидатските листи на Социјалистичката партија ќе има и наши кандидати. Тоа, на пример, како што се областа Голо Брдо, односно општина Булќиза, под која територијално припаѓаат населени места од оваа област, потоа Кукс, каде припаѓа областа Гора, но и во Поградец, Тирана, Корча и други општини, рече Стерјовски.
Актуелнот градоначалник на Пустец, Пали Колефски (43) е родум од Пустец, а живее во Корча. Оженет е и татко на две деца. Тој е дипломиран економист и пред да биде избран за градоначалник, на изборите во 2019 година, како кандидат на СП, беше вработен во Царинската испостава во Корча.