Тој е Крсте Граждани, сегашен трговец од село Горна Горица, Мала Преспа, а за кој со два збора можеш да речиш: работен човек, од работно семејство. Човек што ја прави ноќта – ден, како што му велиме ние Македонците во Преспа.
Крсте е човек на средна возраст. Уште во таа не толку далечна 1991 година, беше еден од првите Македонци кои со радост ја дочека веста за отворање на Албанија кон светот, и веднаш ја нарамија торбата и тргнаа на печалба, односно во Македонија. И, за кратко време, со малкуте спечалени пари, Крсте отвори фирма и почна да прави трговија на мало. И ете, за среќа, и на Крстета парата му носеше пара, и така постигна да си ја подобри неговата економска состојба. А Крсте е човек кој не гледа само за себе. Тој доста пати, од малечката негова печалба, нешто доделува и за другите, за неговите селани и пошироко. Така, на пример, за осумгодишното училиште во Долна Горица, за сите ученици, тој за две години по ред, ги исплати трошоците за учебниците и скршените стакла од прозорците. Крсте парично придонесе и во изградбата на Манастирот “Св. Марена” по село Туминец. Тој ги покри трошоците, и за културно-научниот собир посветен на нашиот голем писател Стерјо Спасе, каде се промовира и ново печатењето на романот “Зошто”.
За Крсте треба да се каже тоа што тој мисли како да заработи и колку да му помогне во секојдневните работи на нашите селани. Токму затоа тој изгради нова фурна за производство на леб, и еве, веќе 5-6 месеци, Крсте произведува и продава квалитетен леб.
За сите овие, и за други работи, Крсте Граждани заслужува пофалба, а неговиот пример треба да се следи и од други Македонци во Мала Преспа кои имаат можности за тоа.
Ефтим МИТРЕВСКИ
Текстот е објавен 1995 година во весникот Преспа.