Митрополитот Скопски Теодосиј Гологанов во своето писмо од 22 јуни 1891 година до проигуменот Дионисиј напишал: “Ние, Македонците, немаме толку мака од турците, колку од србите, бугарите и грците, кои како орли на мрша се впуштија во оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат!“
Митрополитот Скопски Теодосиј Гологанов е роден на 7 јануари 1846 година во село Трлис, Драма, Егејскиот дел на Македонија, а починал на 1 февруари 1926 година во Софија, Бугарија. Неговото световно име било Васил Гологанов. Првата писменост ја добил кај татка си, поп Илија.
Васил во 1860 бил испратен во манастирот “Свети Јован Претеча“ во Серско. Четири години по своето стапување во манастирот, Теодосиј во 1864 година бил ракоположен за јеромонах од страна на митрополитот Прокопиј и поставен за игумен на еден помал манастир во близината на Срез. Истата година го продолжил своето образование во Серската класична гимназија.
Во 1865 година, Теодосиј активно се вклучува во националното движење со борба за отворање на училишта и замена на грчкиот со црковно-словенскиот јазик при богослужбите.
Во 1867/1868 година, се наоѓа во Мостар како протосинѓел на Херцеговскиот митрополит Прокопиј.
Подоцна, Теодосиј заминал за Пловдив каде бил поставен за ефимериј при црквата “Света Богородица“, а потоа и за игумен на Кричимскиот манастир “Свети Врач“ (1869-1873).
Теодосиј Гологанов е македонски национален деец, митрополит, поборник за обновување на Охридската архиепископија и создавање на македонска национална држава.
©Македониум