Во Албанија одбележанa 31-годишнината од независноста на Македонија

Македонската амбасада во Албанија, на 8-ми септември 2022 година, во просториите на Македонскиот културно информативен центар во Тирана, организираше пригодна прослава по повод 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

На прославата, меѓу поканетите гости, присуствуваа и претставници од Македонската заедница, преставници од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, (МАЕИ), македонските друштва, македонската бизнис заедница, но и новодојдените фудбалери кои настапуваат во албанските фудбалски клубови.

Во својот пригоден говор Македонскиот амбасадор Данчо Марковски истакна дека патот по кој чекориме не бил и сéуште не е лесен. Но, како што гледаме, во изминатите 31 година успеавме да ги надминеме темните предвидувања и разните црни сценарија. Обезбедивме стабилност и создадовме услови за натамошен просперитет. Горди сме што сме земја членка во многу меѓународни организации, горди сме што сме членка на НАТО и среќни сме што го започнавме процесот на преговори со ЕУ. Ова е потврда на нашата одлука да бидеме дел од западната култура, каде што отсекогаш природно сме припаѓале.

Односите со Република Албанија ги градиме врз основа на меѓусебно почитување и пријателство. Соработката во областа на економијата, трговијата, културата и другите сфери од заеднички интерес се во нагорна линија, продолжи амбасадорот Марковски.

Етаблираноста на македонското национално малцинство во албанската држава и албанскиот народ во македонската држава се нераскинливата тангента што не поврзува, истакна амбасадорот Марковски.

©Македониум