Бујар Османи: Остануваме ангажирани во заштитата и промоцијата на етничките, културните и јазичните карактеристики на Македонците во Албанија

Остануваме ангажирани за заштита и промовирање на етничката, културна и јазична посебност на Македонците во Албанија, порача министерот Османи.

Министерството за надворешни работи останува во комуникација со македонското национално малцинство Албанија за прашања кои ги засегаат Македонците во Албанија и активно е ангажирано за заштита и промовирање на нивната етничката, културна и јазична посебност, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи по работна посета на Требиште и Пустец и средбите со истакнати активисти и претставници на Македонците во Албанија и на локалните власти.

Како што соопшти МНР, оваа втора по ред посета на Османи на Македонците во Албанија во изминатите неколку месеци е во рамките на континуираната соработка меѓу Министерството за надворешни работи и македонските здруженија од оваа соседна земја.

Во фокус на разговорите на Османи со неговите домаќини беше положбата на Македонците во Албанија и предизвиците со кои се соочуваат како и агресивната бугарска прпаганда за асимилација на Македонците во Албанија.
Министерот Османи потенцира дека ќе подготви информација до Владата и акциски план, како Македонија и нејзините институции можат преку конкретни проекти да им помогнат на Македонците во Албанија.

На средбата со претставниците на Македонците од Голо Брдо се разговараше и околу можностите за промена на работното време на граничниот премин „Требиште-Џепиште“, како исклучително важно за прашање за македонското население во регионот на Голо Брдо, за проширувањето на соработката меѓу локалните единици од двете страни на границата и за поттикнување на економската и културната соработка.

Османи во разговорите го потенцира значењето на иницијативата „Отворен Балкан“, која меѓу другото подразбира отворање нови или ревитализирање на постојните гранични премини. Тој потенцираше дека преминот „Требиште-Џепиште“ ќе придонесе за уште поголема флуктуација на населението што ќе овозможи подобрување на севкупните состојби во тој крај.

При посетата на Пустец, Османи се сретна и со претседателот на единствената партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјоски и членови од претседателството на МАЕИ, со градоначалникот Пали Колески и со Трајан Вангеловски, директорот на основното и средно училиште во ова место во кое учениците посетуваат настава на македонски јазик.
На средбите се разговараше за подобрување на условите за живеење и беа разгледани повеќе проекти поврзани со комуналното уредување на општината.

Во рамки на престојот во Пустец, Османи ја посети и спомен куќата на писателот Стерјо Спасе, проект кој во рамките на ИПА програмата на ЕУ беше реализиран од страна на Општина Пустец и Битола.

Министерот Османи на сите средби со Македонците од Албанија упати порака дека Македонија нема да се откажи од Македонците од Албанија и да Македонците во Албанија да ја чуват својата етничката, културна и јазична посебност.

Посетата на министерот Османи следи по актуелните тврдења на претставници од македонската заедница во Албанија дека се соочуваат со притисоци да се попишат како Бугари на претстојниот попис.

©Македониум