Меѓу дебарските војводи спаѓаат браќата Алексови кои се од родот на Бојаџиеви од село Рбеле (денес во Албанија), преселени во Дебар. Тие го посветиле својот живот за татковината. поголемиот брат , Блаже, од млади години влегол во Македонската револуционерна организација и се докажал како голем борец. Во 1903 година, зел активно учество во четата на Максим Војвода и бил помошник војвода. Херојски се борел против турскиот аскер на Султан Тепе (Голак Планина, малешевско), во месноста Чавките. Тогаш во нерамноптавна борба со турскиот аскер се убиени Максим и Митре. Тогаш Блаже го превзел раководството на четата и водел нерамна борба, во која бил тешко ранет. меѓутоа, другарите од четата кои што останале живи го пробиле обрачот на јуриш на јуриш и се скриле во густата шума.
Средниот брат Крсто Војвода за време на Хуриетот во 1908 година, како околиски војвода величенствено бил пречекан во Дебар со својата многубројна чета, од страна на граѓанство, но и од преставници на власта. Тој се прослави во регионот поради својата храброст. На пречекот при неговото легализирање, покрај многу бројниот народ, присуствувал и владиката козма Пречистански.
Притоа, војводата Крсто Алексовски со своите четници, пред очите на народот и преставниците на власта се упатил кон митроплитот козма и му ја бакнал раката. Војводата истотака се поздравил со пашата и другите официјални лица. Веднаш потоа одржал говор во кој истакнал: „ По благоволение на нашиот султан ние сме веќе слободни и ви кажувам дека од денес па во иднина Турците и христијаните ќе живеат братски.
За доказ на тоа во овој величенствен момент, јас им давам заповед на моите четници да го симнат оружјето и во иднина да не носат никакво оружје. но и вие треба да го сторите истото. Тоа го бара новиот Устав на високата Порта, којшто ние ќе треба строго да го спроведуваме“. Инспирирани од овој настан дебарските жени ја создале следнава песна:
Денес е петок, сабота
Утре е Св.Недела.
Ете го Крсто Војвода
Со неговата дружина,
Што ни донесе слобода.
Ред да уреди Дебарско,
Таму да уреди селата,
да има мир и слобода
на рисјаните.
Третиот, помладиот брат Гаврил Алексовски, исто така бил бестрашен борец. Тој не се задоволувал само со шетање по планините со години, туку отворено влегувал во градот пред Турците. Притоа ги обиколувал турските трговци и дуѓанџиите, а тие го канале на кафе за да разговараат со него. кога зборувал со нив тој им велел:„ Вие сте Турци, добри, мирни си ја гледате трговијата и не ги вознемирувате христијаните. но, меѓу вас имаарамии, кои неможат да живеат ако не ги ограбуваат и убиваат мирните и трудолубиви христијани. Ако некој си дозволи во иднина да прави зулуми, тие треба да знаат дека планините се полни со комити и дека скапо ќе платат за тоа“. Турците, пред кои Гаврил Алексовски отворено се заканувал, од немајкаде пројавувале трпеливост, особено Шаќир-бег Егејновски и сефедин пустина кои биле првенци во градот. Шаќир бег добро го паметел тоа што му се случило во Галичник со брат му Крсто војводата, па затоа не се осмелил отворено да дејствува за негово ликвидирање. сепак Гаврил Алексовски на 19 февруари 1910 година бил нападнат и застрелан од заседа кај месноста Јама до селото Душегубица (Кичевско), од четворица поткупени Албанци. Тој е погребан во селото Душегубица во присуство на многу почитувачи од Дебарско и Кичевско. Исто така треба да се напомене и војводата Силко Цветков-Раички.
Хуриетот не ги оправда надежите на народот, односно на христијаните, во Македонија, а особено не во дебар и дебарскиот крај, зашто набрзо продолжиле убиства врз христијанскиот народ. Поради тоа војводата Крсто Алексовски со четите го напуштаат градот и заминале во планина со зборовите:„ Наскоро да се видиме, ама во слободна Македонија!“.
(Извадок од книгата Дебар и дебарско низ историјата од авторот Ѓорѓи Илевски)