ЗАМИНУВАЊЕ
Дојдете по мене, стари другари,
и однесете ме таму долу, Македонија.
Оставете ме среде поле широко,
помеѓу три села и три манастири,
помеѓу високите конаци и чардаци.
Ниту даб раскрилен, ниту камен бележан,
ниту крст над главата барам,
само да ги слушам старите камбани
од кои не се наслушав на веков.
Ја сакам оваа црвена, топла земја,
но јас сум создаден од нашата црна грутка.
Сакам срцево во неа да ми тупка,
душава во неа да ми танцува
на кавал, гајди, зурли и тапани.
Таму ми е местото.
Дојдете по мене, стари другари,
и однесете ме таму долу, Македонија.
ПОСЛЕДНОТО ОРО
Не стој настрана, не тупкај,
не гледај само, фати се.
Се игра оро старинско,
твоето оро татковско,
нашето оро Тешкото,
играно и опеано,
последно оро судбинско.
Тапаните идат кон тебе,
зурлите пиштат по тебе;
тапаните трештат оттаму,
зурлите пиштат одваму.
Се рони земјата, трепери,
се дроби на сите страни.
Не стој така настрана,
не тупкај, не се препуштај,
не гледај само, фати се.
од Алдо Климан
Алдо Климан (р, 9 ноември 1950 во Битола) — поет, раскажувач, литературен критичар, полемичар, антологичар, преведувач, новинар, издавач и собирач на македонски старини. Живее и работи во Пула, Хрватска.