МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА ГО ПРОСЛАВИЈА ЃУРЃОВДЕН

Македонците во Албанија го прославија празникот Ѓурѓовден. Овој празник освен Македонците со православна вероисповед од Мала Преспа, Врбник и Голо Брдо традиционално го прославија и Македонците со исламска вероисповед од Голо Брдо и Гора.

Прослава на Ѓурѓовден во село Стеблево, Голо Брдо

За Ѓурѓовден во Мала Преспа, имаше организирани прослави во селата Шулин, Глобочени и Долна Горица. Во областа Гора прослава се организираше во село Шиштавец, каде се одржа и трка со коњи, додека во областа на Голо Брдо, Ѓурѓовден организирано се славеше во село Стеблево.

Во Борје, областа Гора младите берат цвеќе за Ѓурѓовден

На Ѓурѓовден во Мала Преспа, Врбник, Гора и Голо Брдо се изведуваат многу обичаи сврзани со овој празник. Почнуваат на 5 мај пред зајдисонце кога сите млади и постари одат по ливадите и бавчите каде берат гранчиња /потки/ и цвеќиња, ги носат дома каде ги закитуваат портите, влезната врата на куќата, трлата, плевните, се за здравје и во чест на доаѓањето на Пролетта.

Отец Алексо Темелко литургија во црквата Св.Ѓорѓија во село Долна Горица, Преспа

Според верувањето потките ги штитат куќите од разни опасности, а нивите и родот од несреќа. Во некои места еден боз се става пред куќата пред влезната врата и утрото на Ѓурѓовден секој кога ќе стане и излегува надвор стапнува на бозот за здравје.

©Македониум